Најмалку едно финале на Лига на шампиони ќе се игра во далечниот Абу Даби

УЕФА потпишала договор вреден 2,4 милијарди евра со Владата на Обединети Арапски Емирати (ОАЕ) а оваа соработка е како еден вид борба на УЕФА против идејата за Суперлига.

Во договорот меѓу УЕФА и владата на ОАЕ стои и ставка за правата на пренос на натпреварувањата кои ги организира УЕФА и меч за титула во Лига на шампиони односно големото финале некоја година би можела да се пресели на Блискиот Исток.

Оваа вест прв во етер ја пушти шпанскиот лист ОК Диарио.

Новинарот Франциско Равадан вели дека преговорите меѓу маркетинг тимот на главната европска фудбалска унија и Министерството за култура и туризам на ОАЕ траеле долго време и дека на крајот си пружиле рака за договор.

Зелено светло апсолутно очекувано дал и првиот човек на УЕФА Александар Чеферин како и премиерот на Обединети Арапски Емирати, земја пребогата со нафтни наоѓалишта, Мохамед бин Рашид Ал Мактум.

Обединети Арапски Емирати во светот на фудбалот се одамна и тоа низ сопственост на Манчестер Сити со кој владее шеикот Мансур бин Зајед бин Султан ал Нахјан, роден брат на претседателот на Емирати, шеик Мохамед бин Зајед.

ОК Диарио пишува и дека наскоро ќе се стави потпис на договор за дистрибуција на ТВ права за УЕФА натпреварувањата до 2030. година и дека до тогаш макар еднаш Абу Даби ќе добие домаќинство на финале на Лига на шампиони.

Ова доаѓа како последица на идејата за Суперлига за која веќе некое време се залагаа Реал Мадрид, Барселона и Јувентус кои спорот го водат со УЕФА пред Судот за правда на ЕУ во Луксембург. Овие три клуба најверојатно ќе го добијат спорот односно ќе стекнат право да формираат свој турнир во кој се шпекулира дека учество би можеле да добијат и некои саудиски клубови чии сопственици би го финансирале целиот проект, со голема поддршка од ФИФА.

Од таа причина УЕФА сака да обезбеди што е можно повеќе средства за подобри услови и поголем награден фонд, со цел да се одбрани од овие идеи на неколку големи европски клубови.

Договорот меѓу УЕФА и ОАЕ би требало да биде соопштен на 8-ми февруари 2024-та година за кога треба да заседува Извшрниот одбор на европската фудбалска унија. На реализација на овој договор работел генералниот секретар Џорџо Маркети.

Градот Абу Даби би станал главен спонзор на УЕФА а за организација на финале на Лига на шампиони би одвоиле најмалку 120 милиони евра. Овој град би станал и редовен домаќин на европскиот Суперкуп на Европа чиј формат наскоро би можелд а биде сменет и зголемен на четири учесници (нешто слично на шпанскиот Супер Куп кој веќе неколку години го играат четири клуба во Саудиска Арабија за богат финансиски договор).

5 декември 2023 - 11:26