Рејвел Морисон

Најголемиот талент кој Фергусон го видел стана второлигашки бандит

Во 2011-та Рејвел Морисон бил ѕвезда во младинците на Јунајтед и човек поради кого Фергусон не го приметувал Погба. Французинот сега вреди 90 милиони фунти а Рејвел игра во втора лига. Зошто?

Гери Невил го избрал правиот момент да почне да работи на телевизија. Во сезоната 2010/11 уште како активен играч почнал да ги коментира натпреварите на младинците и резервите на Манчестер преку MUTV каналот.

Младинците за кои играле сегашните првотимци Пол Погба и Џеси Лингард светлеле во црвените дресови, но еден играч се издвојувал од останатите.

„Талентот на Рејвел Морисон беше нешто незамисливо“, раскажува Невил за FourFourTwo. „Играше во тројка на средина со Погба и Рајан Таниклиф. Сите беа добри, но Морисон беше тој што правеше разлика“.

Рејвел Морисон изгледал како новиот Пол Гаскоњ: никој како него немал соло продор низ одбраната и да постигне ефектен гол. „Морисон сигурно е најдобриот млад фудбалер во Манчестер уште од времето на Џорџ Бест“, додава легендарниот играч на Јунајтед Педи Креранд.

Равел Морисон (прв од десно)

Англичанецот бил најбрз од сите и поседувал фудбалска интелегенција - квалитети кои треба да ги поседува голем фудбалер.

Пол Макгинес, тренерот на младинците на Манчестер од 1993 до 2016 работел со Рејвел Морисон и во интервју за FourFourTwo раскажал: „Рејвел имаше квалитет кој го имаат само најдобрите играчи на денешницата - чуството за време. Секогаш знаеше колку да ја држи топката во себе, кога да ја додаде и да ја пресече одбраната, кога да тргне сам“. 

Во 2010/2011 Јунајтед го освоил младинскиот Куп а до трофејот стигнале преку Челси, Ливерпул и двомечот со Шефилд Јунајтед (6-3). Тоа бил 10-ти пехар во Купот за младинците на Манчстер а Рејвел бил прогласен за најдобар играч.

Токму Морисон и Погба биле првите од резервниот тим кој добиле шанса во првиот состав. Англичанецот учествуваше во триумфот против Вулверхемптон но никогаш не ги оправда очекувањата. На крајот и двајцата завршија во Италија, но Погба стана најбаран фудбалер во светот. Морисон не.

Рејвел Морисон е роден во февруари 1993 во Вајзеншоу, сиромашен реон на западот од Манчестер. Јунајтед го приметил Морисон додека играл за локалниот тим „Флечер Мос Ренџерс“ којшто дал многу играчи во Манчестер.

Но неговиот развој во младинските категории бил попречен од неговото лошо поведение. Јунајтед направил сè што можел и одново и одново му давал шанси, но не вродило со плод.

Клубот толку верувал во него што дури и го поддржале кога морал да се појави на суд поради наводно застрашување на сведок поради што добил 12 месеци условно и 2.000 фунти казна. После тоа го обвинувале и за семејно насилство.

Интересот на клубот од Манчестер за непослушниот фудбалер бил основан. Фергусон на времето за него рекол дека тој е најталентираниот фудбалер што некогаш во животот го видел. Поголем талент од Гигс и од Сколс. Други тврделе дека ако бил барем 10% помалку талентиран ќе го избркале од клубот поради големите неволји што ги правел.

Шкотланѓанецот го прекомандувал во првиот тим, но првотимците биле зачудени од будалаштиите на младиот Рејвел. Како може некој толку талентиран, мислеле Фердинанд и другарите, стално да прави проблеми? Како е можно секогаш да биде на погрешно место со погрешни луѓе?

Секој играч поднел неопходна жртва за да стане професионален фудбалер и да стигне до врвот. Морисон таков статус гледал секој ден: почитување, материјален просперитет, најголем клуб. Фактот што таков играч залудно го трачи талентот ги запрепастувало ветераните во екипата. За повеќето, Морисон бил обичен бандит, но луѓето блиски до него тврделе дека неговиот ум не е ограничен само на фудбал, просто животните околности му биле такви.

На 2. февруари годинава Рејвел наполнил 24 години, така што неговата кариера уште има шанси да заживее. Рејвел од друга страна не седи пред коперација и не се жали каков играч можел да стане. Тој е професионалец и одново може да се врати на правиот пат. Во тоа веруваат сите оние кои го гледале во живо.

„Тој беше голем другар, секогаш прв за сите и сите го почитуваа. Но кога растеш во такво место гледаш како многу твои другари застраниле од патот, а ти си единствен кој заработува и тоа може да биде проблем“, вели тренерот Крерант.

Многу луѓе сакале да му помогнат. Во октомври 2013 Рејвел постигна два гола за младата репрезентација на Англија против Литванија и селекторот Герет Саутгејт мислел дека Морисон се враќа на прав пат. Сигурен бил дека скоро ќе заигра за А селекцијата, а со него се согласил и селекторот Рој Хоџсон.

„Рејвел го мачеа проблеми длабоко во себе и не може да го обвинуваме само него. Тој е производ на своето воспитување, жртва на која ѝ треба помош. Рејвел пораснал во средина каде друштвено неприфатливите норми изгледаат нормални, каде сè е под контрола на бандите, а никој нема доверба во властите. Во такви околности кога доаѓа проблем го решаваат сами, не викаат полиција“, вели за FourFourTwo извор од Манчестер Јунајтед.

Фергусон и до Морисон работел со играчи со тешки животни судбини, меѓу кои биле и големи фудбалери. Затоа не заборавил да го спомене Рајвел во својата автобиографија „Лидерство“ од 2013-та и го напишал следното:

 

„За жал постојат и примери на играчи кои имаат задачи слични како оние на Рајан Гигс и Кристијано Роналдо, но и покрај огромниот талент, не се емотивно или ментално доволно силни да ги победат сите свои внатрешни демони.“

Рејвел Морисон може да биде еден од најпотресните случаи. Тој беше поталентиран од било кое друго дете со кое потпишавме, но продолжи да запаѓа во неволји. Многу беше болно кога го продадовме во Весте Хем во јануари 2012-та. Можеше да стане фантастичен играч. Но во рок од неколку години проблемите толку се нагомилаа со него што немавме друг избор освен да ја пресечеме папочната врска“.

Морисон го продале за 650.000 фунти, но сумата можела да достигне до 2,5 милиони фунти во зависност од неговиот успех. Од една страна малата компензација која Јунајтед ја дал на времето за него сега била убава повратна инвестиција.

„Се надевам дека можете да го доведете во ред. Ако успеете - овој тип ќе биде гениј. Неверојатен талент е но треба да биде почне нов живот далеку од Манчестер“, му рекол Сер Алекс на тренерот на „Чеканите“, Сем Алардајс.

Кога во летото 2012 Погба премина во Јувентус, Морисон заминал на позајмица во второлигашот Бирмингем. На почеток ништо не било како што сакал тој и клубот. Морисон не играл добро, против него се свртеле соиграчите, но после искрениот разговор со тренерот на Бирмингем Ли Кларк станал клучен играч. Кларк го убедил да остане уште една езона, но Сем Алардајс сакал да го врати во Вест Хем и конечно Морисон дебитираше во Премиер лигата.

Во дресот на Квинс Парк Ренџерс

Неговиот неверојатен гол против Тотенхем во октомври 2013 бил прогласен за гол на месецот а Биг Сем го прокоментирал вака:

„Рејвел ја прими топката на својата половина и тргна сам на Вертонген и Доусон, ги помина лесноа потоа го лобна и голманот со неверојатна техника. Генијот Рејвел Морисон го постигна голот на сезоната“.

Рајвел Морисон во тој момент беше најперспективниот млад играч во Англија а учеше од Џо Кол и Мајкл Карик. По извесно време се тргнало пак по зло, но овојпат не била негова вина. Изјавил дека го тргнале од првиот тим затоа што одбил да соработува со агентот Марк Кертис со кој биле поврзани многу играчи на Сем Алардајс.

Биг Сем ги негирал наодите, но истрагата за неговите проценти од договорите доведе до тоа да го избркаат од селекторската функција на Англија после само 67 дена откако седна. Во септември лани Морисон напиша на Твитер: „Бројот 1 ги слушна моите зборови“.

Фулам тогаш нудел 4 милиони фунти за младинскиот репрезентативец (тренер на тимот тогаш беше Рене Меленштен кој го знаел Равел од времето во Манчестер), но фудбалерот ги одбил.

Договорот со Вест Хем му истекол во 2015-та година а до крајот на таа сезона играше како позајмен во Кардиф. Следна дестинација во кариерата му беше рисмски Лацио каде не се избори за место во првиот тим а тренерот Стефано Пиоли (денес Интер) го критикуваше Англичанецот за отстуство на професионализам и безоволност да научи италијански.

На тренинг во Лацио каде не сакал да учи италијански

Договорот со Лацио му трае до јуни 2017-та, но тој последните шест месеци не бил во Италија. Во јануари дошол на позајмица во Виган каде главниот тренер Ворен Џојс го тренирал како мал во Манчестер.

„Рејвел долго не играл фудбал, но го знам неговиот потенцијал уште од времето во Јунајтед. Кај нас има исклучителна можност да се врати во форма“.

Виган не го исплаќал на време, па тука се вмешал КПР којшто дејствувал брзински и Морисон стигнал кај Ренџерите на втора позајмица. Во 2014-та за тимот од Западен Лондон дал 6 гола на 17 меча.

„Пораснав и многу созреав. Нема веќе зафрканции, фокусиран сум и тоа е мој став веќе 6 месеци. Инспириран сум од шансата пак да играм фудбал“, изјавил на презентацијата.

Многумина ги сфатиле овие зборови како празни.

„Тој мора да стане ѕвезда. Уште е млад и времето работи за него, но долго време протрачи залудно. Ако еден Алекс Фергусон не можел од него да направи играч, кој ќе може?“, прашува тренерот Креранд.