Најголемиот измамник кој 20 години глумел фудбалер од забава

Карлос Енрике Кајсер е еден неповторлив лик од 80-те и 90-те кој со пластичен телефон лажел дека зборува со менаџери за да покаже дека е фаца и дека го бараат во Европа. Најјакото за него е што направил 20 годишна кариера како напаѓач без да постигне гол.

Ако го побарате на Википедија, прво што ќе прочитате за Карлос е дека се работи за поранешен бразилски фудбалер кој играл како напаѓач и кој е познат како фарса фудбалер.
 
Тоа е апсолутно точно бидејќи тој немал талент за фудбал, туку се дружел со многу бразилски ѕвезди, меѓу кои и Ромарио и успевал постојано да се упикува и да лаже за да изгради кариера.
 
Кога неговите другари ќе потпишеле некој договор, ги уверувале челните луѓе да му дадат шанса и на Карлос. Тој ќе добиел три месечен договор, а потоа барал неколку недели да се прилагоди во новата средина.

По еден месец ќе заминел на тренинг, ќе потрчал, а потоа се преправал дека се повредил по што следувала пауза. Измамата со повредите му ја откриле во Ботафого. Тој обично со себе носел мобилен телефон, инаку луксуз за тоа време и глумел дека прави муабет на англиски јазик со разни менаџери од Европа кои наводно биле заинтересирани за него.

Еден од лекарите на Ботафого знаел англиски јазик и слушнал дека нема логика муабетот што го прави Карлос. Кога отишол да се тушира му го земал телефонот од маса и открил дека тоа е уствари пластична играчка.

Карлос си заминал од Ботафого, но потоа со истите фори продолжил во уште неколку бразилски екипи како Фламенго и Васко Де Гама. Ќе се појавел на тренинг, ќе ја рогнел топката најдалеку што може, а потоа ќе се фател за колено или за мускул и ќе легнел на земја.

Додека се опоравувал резервирал дополнителни соби во хотелот каде спие клубот и најмувал жени и на тој начин фудбалерите не морале да излегуваат надвор за да запознаваат девојки.
 
Во една прилика дури и добил шанса да влезе во игра по што морал да смислува нова лага за да не видат дека е труп за фудбал.

„Тренерот ми велеше дека само ќе седам на клупа, меѓутоа губевме и ми рече да се загревам. Тогаш размислував што да направам за да не ме видат дека не бев баш најдобар фудбалер. Забележав дека навивачите ги навредуваат своите фудбалери. Се качив на ограда и им вратив со иста мера“.
 
По тој натпревар, претседателот на клубот го викнал на разговор и го добил следново објаснување.
„Му кажав дека татко ми е починат и дека добив нов татко (мислејќи на претседателот) и дека нема да му дозволам на никој да го навредува, како што го правеа тоа навивачите“, објаснува преварантот кој по таа средба добил нов договор.

Освен во Бразил, напаѓачот без постигнал гол во кариерата, заиграл и во Мексико, САД и Франција. Кога потпишал за Ајачио на првиот тренинг се појавиле околу 1.000 навивачи, а тој смислил нов трик.
 
Наместо да жонглира со топките, тој сите до една ги шутнал кај навивачите. Тренерот морал да го одработи тренингот без топки, а Кајсер на тој начин не можел да покаже дека е “добар“.
 
Карлос Кајсер лажел 20 години во кои има само 30 настапи, сите од клупа. Секаде се претставувал како напаѓач, а вистината е дека никогаш не дал гол. Во едно од многуте интервјуа Кајсер кој сега има 54 години вели:

Сега работи со жени во фитнес центар

„Сакав само забава и немав поим од професионализам“.
Сторијава е една, единствена и неповторлива и заслужива да влезе во книга и филм. Има и тоа. Во ноември 2015-та, Кајсер потпишал ексклузивен договор за британската продукциска куќа „Nods & Volleys Entertainment Limited“, каде се обврзал да ја раскаже неговата приказна во сите видови медиуми. Интервјуата во форма на документарен филм се реализирани во декември 2016-та.
 
Книгата за него ќе излезе догодина, ја реализираше новинарот Роб Смит, а се вика „The book Kaiser: The Greatest Footballer Never to Have Played Football“.
 
1 август 2017 - 13:34