Отворањето на новиот квалификациски циклус за револуционерното Европско првенство кое за прв пат ќе се игра со 24 селекции во 12 земји е можност за Горан Пандев уште на првиот меч против Летонија да го заокружи јубилејот од 100 настапи и да го стигне Гоце Седлоски.
За капитенот на Македонија ова ќе биде петти квалификациски циклус за ЕП. Тој е прв стрелец со 33 голови и едно од прашањата кои ги доби на денешната прес конференција пред утрешниот меч против Летонија (20:45), беше кои голови би ги издвоил како најдраги.
„Искрено сите голови за Македонија ми се драги, ама ете тој гол со Холандија и двата против Шпанија вечно ќе ги паметам“, одговори Пандев
Мечот со Холандија беше квалификациски за СП 2006, а се одигра на Градски на 9 октомври 2004-та. Пандев тогаш имаше само 21 година и беше тазе член на Лацио, а против Холандија постигна гол и асистенција до Стојков за изненадувачки 2:2.
Селектор тогаш ни беше Цапар, а од спротивната страна на клупата седеше легендата Марко ван Бастен кој пристигна во Скопје со имиња како Давидс, Снајдер, Дирк Кајт, Рој Макај, Ван дер Сар...
Другите два незаборави голови на Пандев се оние против тогашниот европски првак Шпанија кој ни гостуваше во Скопје на пријателска средба која се одигра на 12 август 2009-та. Првиот дел заврши како во бајките, 2:0 за Македонија, двоен стрелец Горан Пандев.
Мирсад Јонуз против Висенте Дел Боске кој допатува во полн состав со Пике, Пујол, Чави, Торес, Виља...Штета што делириумот траеше само во првите 45 минути.
Никогаш доста од головите на Ил Капитано со коментар на Златко Калински.