Најдоброто од Серија А

Италијанското првенство заврши овој викенд со новото Скудето за Јувентус, одличната втора позиција на Пандев со Наполи и драматичната борба за третата позиција помеѓу Милан и Фиорентина. Еве кои играчи ја одбележа сезоната на чизмата според порталот Goal.com.

По завршувањето на сезоната, некој се радуваше и славеше за успешната година, а други тимови пак ќе сакаат побрзо да ја заборават како на пример фудбалерите на Палермо, Сиена и Пескара кои наредната сезона ќе се натпреваруваат во второлигашко друштво. Ова се индивидуалните признанија според Goal.com за сезоната 2012/2013.

Најдобар голман: Самир Хандановиќ

Според статистиката оваа сезона во Серија А имаше подобри голмани од него, но сепак за почит е одлично завршената работа на Самир Хандановиќ во неговата дебитантска сезона за Интер. Словенецот одлично ја пополни голманската позиција на Жулио Цезар кој си замина, а и покрај слабостите во одбраната на Интер спаси многу голови.

Најдобар одбранбен играч: Андреа Барцаљи

Во категоријата каде е тешко да се одбере најдобриот, поради големата конкуренција во земјата каде се игра дефанзивен фудбал, Андреа Барцаљи се покажа како еден од најконстантните и најдобрите дефанзивци во втората по ред шампионската титула на Јувентус. Репрезентативецот на Италија пропушти само 4 меча оваа сезона во Серија А.

Најдобар играч од среден ред: Артуро Видал

Една од најголемите заслуги за одбраната на Јувентус без сомнение оди кај Артуро Видал кој одлично ги пополнува сите дупки на средината од теренот. Чилеанецот сезонава беше мотор во шампионскиот тим на Јувентус, а одлично се снајде и во офанзивните задачи каде заедно со Мирко Вучиниќ е најдобар стрелец со 10 гола.

Најдобар напаѓач: Единсон Кавани

Единсон Кавани без конкуренција сезонава беше најдобриот напаѓач во Серија А, а тоа го докажа и со неговите 29 гола со што стана најдобар стрелец. Уругвајскиот голгетер сезонава постигна три хет-трикови против Рома, Лацио и Интер и е еден од најзаслужните што Наполи ќе се натпреварува во Лигата на шампионите.

Најдобар млад играч: Стефан Ел Шарави

Навивачите на Милан не се сеќаваат кога некој толку млад играч успеал да биде главна алка во играта на нивниот тим. Стефан Ел Шарави со своите 20 години беше најважниот играч на „Росоњерите" и со своите индивидуални способности ги постигна клучните голови за Милан, повеќето од нив во првиот дел од сезоната. Тој е трет стрелец во Серија А со 16 погодоци.

Најдобар тренер: Франческо Гвидолин

Екипата на Удинезе која сезонава остана без дел од своите најважни играчи како Хандановиќ, Азамоа и Исла се уште постигнува одлични резултати. Под водство на одличниот Франческо Гвидолин тимот од Удине трета година по ред одлично котира на високите места од табелата, а оваа сезона избори пласман во Лигата на Европа.

Најдобар трансфер: Борха Валеро

Плејмејкерот кој дојде од Виљареал беше едно од најголемите освежуважа во составот од „Артемио Франки". Фиорентина сезонава под водство на Монтела се избори за одличното четврто место, а главен играч во средниот ред беше плејмејкерот Валеро кој пропушти само еден натпревар сезонава во Серија А.

Најлош трансфер: Томазо Роки

Конкуренцијата за оваа награда е поголема, со оглед на промашените трансфери како оние на Ањелка и Бентднер во Јувентус, но непопуларното признание оди кај Томазо Роки кој од Лацио премина во тимот на Интер. 35 годишниот напаѓач беше само дел од промашената сезона на „Нероаѕурите" кои по 14 години не изборија пласман на европските натпреварувања.

Најдобар фудбалер: Артуро Видал

Уште една и сосема заслужена награда за дефанзивниот играч од средниот ред на Јувентус. Видал е комплетен играч и еден од најзаслужните за шампионската година на „Старата Дама".

Најслаб фудбалер: Андреа Ранокија

Ова признание лесно можеше да му се додели на некој играч од Пескара која сезонава беше најслаб тим во Серија А, но сепак завршува кај Андреа Ранокија. Фудбалерот од кој се очекуваше многу и кој требаше да биде еден од столбовите на Интер не ги оправда очекувањата. Пропустите пред голот на Интер и недостатокот на концетрација ја одбележаа неговата сезона.

21 мај 2013 - 13:17