Најчудниот фудбалски меч се игра во Хрватска кога езеро ќе пресуши

Веќе неколку децении во Имотски се игра најнеобичниот фудбалски натпревар. Се користи пресушено дно на природниот бисер Модро езеро и пред илјадници гледачи се игра традиционален дуел меѓу Вилењаци и Вукодлаци.

Првиот дуел меѓу оние кои доаѓаат од западната страна на езерото, Вилењаци (Елфови), и оние од источната страна на езерото, Вукодлаци (врколаци) се одиграл во далечната 1943-та година. Во 2022-ра го одиграле 17-от меѓусебен натпревар.

Овој натпревар на пресушено езеро, во длабока дупка, предизвикува голема интерес во Хрватска па го пренесуваат понекогаш и по четири телевизии со национална фреквенција кои праќаат свои репортери таму.

Пред две години во време на пандемија имало најмалку две илјади гледачи.

Просторот на пресушеното езеро покрај грандиозната клисура кај Имотски и огромниот сипар се прекрасен поглед за многу љубопитни посетители.

Езерото најчесто пресушува во септември, а некогаш се погаѓа да пресуши и на крајот од август па обично тогаш се играат натпреварите.

Дуелот започнува со интонирање на хрватската химна „Лијепа наша“, а почетниот удар е предвиден обично за градоначалникот на Имотски. Пред почетокот ФК Вилењаци и ФК Вукодлаци си разменуваат пригодни подароци како специјално изработени пива, домашна храна, цвеќе и други симпатични предмети.

Натпреварот се игра според специјални правила кои не подлегнуваат на правилниците на ФИФА и УЕФА. Се игра на пресушена земја а мечот секогаш завршува нерешено со цел да се игра и следен пат.

И двата тима добиваат аплаузи и скандирања од публиката.

17 јануари 2023 - 12:20