На Салах му светеа со безброј ласери додека шутираше пенал за Светско

Синоќа ширум светот покрај мечот на Македонија со Португалија, се одиграа и други исклучително важни натпревари за пласман на Светско првенство. Едно дерби одиграа еден против друг соиграчите од Ливерпул, Салах и Мане.

Во Африка се одиграа пет реванш-баражи за пат на Светско првенство во Катар.

Најголемо дерби беше Сенегал - Египет, двете најдобри селекции на црниот континент во моментов. Салах против Мане.

Овие две репрезентации во последните два месеци одиграа три натпревари. Сенегалците ги добија двата најважни, во финалето на Купот на Африка на пенали и сега во реваншот за Светско првенство 2022 исто на пенали.

Египет победи 1-0 на првиот меч од баражот, Сенегал 1-0 на реваншот по што следуваа продолженија и пенали.

Интересно, на првата средба во Каиро Египет поведе уште во 4’ минута кога Салах направи одлична акција и испровоцира автогол од стоперот на Сенегал за конечни 1-0.

Во реваншот во 7’ минута Булаје Диа од Виљареал успеа некако да ја протне топката во мрежата на „фараоните“ па Сенегал брзо и рано го израмни вкупниот резултат. После се играа уште 120 минути без големи шанси и голови. Одново сè решаваа пеналите.

Салах шутираше прв за Египет и промаши, но мора да се признае дека му светеа бројни ласери пред да изведе и тоа е нешто што ФИФА и УЕФА драстично мора да го санкционираат, па дури и да ги преизведуваат пеналите одново додека не се прекине со светење.

Салах промаши, промаши и негов соиграч после него, но голманот на Египет Мохамед Ел Шенави ги одбрани двата сенегалски пенали. Разликата ја направи голманот на Челси Едуар Менди кој го фати четвртиот пенал во серија а Садио Мане го постигна петтиот решавачки и ја однесе својата земја на Светско првенство!

Салах остана без Мундијал а Мане, Менди и Кулибали ќе ги гледаме на зима во Катар. После мечот Салах се пробиваше меѓу навивачите на Сенегал кои влетаа на терен да слават, а некои од трибини фрлаа предмети по него:

 

30 март 2022 - 09:34