На прошталниот меч на Истатов во Струмица гостуваше Партизан, а пееше Чолиќ

Легендарниот македонски голман кој ги облече ракавиците и на југословенската фудбалска репрезентација, кариерата ја почна и ја заврши во родната Струмица. Тој играше и ја тренираше Беласица, а таа му освен што му направи голема чест, му даде и специјално признание.

Благој Истатов ја собра Струмица на стадионот Младост каде на 29 ноември 1982-ра го одигра прошталниот натпревар. Домаќин се разбира беше Беласица, а гостин Партизан еден од четирите клубови за кои настапуваше во кариерата.
 
Струмичани го наполнија стадионот за да го поздрават човекот кој беше синоним за фудбалот во Струмица, која ја прослави дури до Холандија каде настапуваше за екипата на Утрехт. Беше спортска легенда и работник кој остави голема трага во историјата на Беласица и македонскиот фудбал.
 
Дека се работи за големо фудбалско име кое вреди, сведочат и овие снимки стари 36 години. Стадионот фул, гости на терен колку сакаш, поздравувања, бацки, честитки и претешка статуетка која немаше јунак кој ја крена в раце.
 
И покрај тажниот ден, не може а да не го издвоиме овој комичен дел на 1:15: Тешка ли е? Тешка е, ај трујца да ја фанаме. Ејјј воа тешка била бе.

Истатов се повлече од фудбалот во 82-ра, а колку вредел за Струмица докажува и ова признание доделено 19 години потоа.
 
 
Благој Истатов бранеше за Беласица (1965–1968), Победа (1968–1973), Партизан (1973–1976) и Утрехт (1976–1978), а потоа беше тренер на Беласица, Малеш, Дојранско Езеро, Скопје и на голманите на Фудбалската репрезентација на Македонија, како и помошник тренер во Вардар.
 
Целиот свој живот му го посвети на фудбалот. Беше член на Управниот одбор на ФФМ, отвори школа и фудбалски комплекс во Дојран, оформи женски фудбалски клуб и потпиша долгогодишен договор за соработка со Партизан.
 
Подолга снимка од неговиот проштален натпревар. Здравко Чолиќ ја пее „Друже Тито ми ти се кунемо“ на 10:40, а претходно Селимова и Желчески ја пејат „Брала Мома Капини“.

Легендарниот македонски голман Благој Истатов почина денеска на 71 годишна возраст. Клубовите каде настапуваше и работеше не го заборавија.

27 септември 2018 - 15:11