Пред неколку дена УЕФА соопшти дека поради тоа што Турција се повлекува од кандидатурата за Европско првенство 2028, единствен кандидат и добитник на домаќинството се Велика Британија со Република Ирска.
Италија и Турција во меѓувреме добија домаќинство и организација на Евро 2032. Акцент беше ставен на стадионите на кои ќе се игра најдобриот фудбал на континентот за четири години.
Манчестер е еден од градовите кои ќе биде домаќин на Европско првенство но само стадионот „Етихад“ каде игра Сити.
Стадионот на Јунајтед е изграден пред 114 години, а последна модернизација доживеал во далечната 2006-та година кога додале нови 8.000 седечки места. За тоа време другите топ клубови во Велика Британија ги обновиле своите стадиони или изградиле нови.
„Олд Трафорд“ е споменик на културата во Англија, но секому е јасно дека е веќе остарен и дека му треба капитална обнова или да се урне во целост и да се изгради нов и модерен.
Тоа е една од причините зошто Фудбалската асоцијација на Англија не го ставила „Олд Трафорд“ на списокот за Евро2028.
Од надвор исто стадионот не е доволно добар, а ако се тргне во реконструкција, постои ризик да не се испочитуваат роковите до тогаш.
ШТО НЕ ЧИНИ СО „ОЛД ТРАФОРД“?
Еден од најсериозните проблеми е покривот што протекува. Тоа е многу важна ставка затоа што дождови во Манчестер има речиси пола година.
Светот првпат дознал за ова во 2012-та за време на фудбалскиот меч на Олимписки Игри меѓу Шпанија и Мароко кога за време на силен дожд многу вода се слевала од покривот право врз седечките места.
Проблемот со покривот што прокиснува уште не е решен и по 11 години.
Навивачите и натаму се жалат дека врз нив тече вода кога врне а за целата хаварија ги криват Глејзери, семејството кое го води Манчестер Јунајтед веќе долги години. Наводно прокиснува од многу страни а најмногу трпи трибината сер Боби Чарлтон каде треба целосна замена на покривот. На другите трибини исто е потребен капитален ремонт.
Уште еден проблем е и присуството на глодари на „Олд Трафорд“. За тоа се зборувало уште во далечната 2006-та. Во 2013-та и 2015-та санитарната инспекција одново и одново го критикувала Јунајтед за несоодветно складирање храна на стадионот.
Фотографите неколку пати во кадар уловиле глувци кои трчаат на терен за време на натпреварите.
На фотографијата е глувче на дуелот Манчестер Јунајтед - Вест Хем од 23 февруари 2010-та година на „Олд Трафорд“.
Во март 2023-та навивачите се соочиле со уште една непријатност - тоалетите биле поплавени од канализационите одводи. Меѓу оние поразгалените има и такви кои се жалат на неудобен пристап до трибиите, слаб квалитет на храна, недостиг на голем екран и мали места меѓу седиштата (кога го рашириле стадионот во 2006-та не размислувале за комфорот).
До неодамна на „Олд Трафорд“ имало и слаб ви-фи. Новинарите постојано се жалеле на слаб интернет а еднаш ова станало причина и за конфликт меѓу Жозе Мурињо и Пол Погба.
Јунајтед испаднал од Лига Купот а Погба кој бил на трибините после поразот на Инстаграм напишал: „Дајте опис“ на негова фотографија. На Мурињо не му се дпаднал тајмингот но подоцна се разбрале дека Погба пробал да го сподели тоа еден час претходно но не му успеало па испаднало како да го споделил баш кога мечот завршил.
„Мислам дека треба да се урне ’Олд Трафорд’ и да се изгради нов стадион на највисоко ниво. Манчестер Јунајтед секогаш треба да биде авангарден, да има најдобра инфраструктура, но сега клубот заостана зад ривалите“, рекол еднаш Гери Невил.
ШТО ГО ЧЕКА „ОЛД ТРАФОРД“? ИМА ДВЕ ВАРИЈАНТИ
Во 2022-ра година Манчестер Јунајтед се обратил за консултации кај компанијата Populous и Legends International која го проектирала новиот стадион на Тотенхем кој е еден од најмодерните на свет.
На Манчестер му предложиле два варијанти: изградба на нов стадион или капитална реконструкција на „Олд Трафорд“.
Изградба на нов стадион процениле на 2 милијарди фунти, а се предлага да се гради веднаш до „Олд Трафорд“ со што клубот не би требало да бара други решенија за натпревари и ќе му дозволи да си игра во својот дом додека не се изгради нов.
За целосна модернизација на „Олд Трафорд“ потребни се 1 милијарда фунти. За други стадиони таква реконструкција би чинела многу помалку но кај стадионот на Манчестер е поскапо поради сложеност на околината. Скоро веднаш до стадионот се наоѓа најголемата железничка станица која ги поврзува Ливерпул и Манчестер, па стопирање на нејзината работа е тотално невозможно.
Во тој проект на целосна реконструкција планирано е проширување до 88.000 места односно капацитет со 12.000 места повеќе од сегашниот. Но Манчестер Јунајтед не би можел да игра на стадионот за време на таква реконструкција и ќе треба да плаќа изнајмување друг.
А друга приказна е тоталната нејаснотија со сопствениците од семејството Глејзери кои уште не знаат дали ќе го продаваат клубот или не.