Реал Мадрид славеше лесна победа над Севиља со 4:1, но овој натпревар не помина без контроверзија од Мурињо. Во финишот од натпреварот при сигурно водство од 4:0, Португалецот им нареди на двајца свои фудбалери да заработат жолти картони.
Најпрвин Мурињо го повика Алваро Арбелоа крај линијата и на него му ја соопшти „стратегијата". Веднаш потоа тој направи остар старт над Негредо и го заработи петтиот жолт картон, што автоматски носи суспензија.
По неколку минути сценариото го повтори и Модриќ, па така тие ќе го пропуштат следниот натпревар против Рајо Ваљекано на домашен терен, но ќе можат да играат на гостувањето кај Депортиво.
Ова не му е прв пат на Мурињо да ја користи оваа стратегија. Во 2010-та година на натпревар од Лигата на шампионите против Ајакс, тој им нареди на Чаби Алонсо и Серхио Рамос да добијат црвени картони.
УЕФА тогаш го суспендираше Мурињо на 2 натпревари, а парични казни покрај него заработија и Алонсо, Рамос, Касиљас и Дудек. Овој пат најверојатно шпанската федерација ќе му прогледа низ прсти.