Можете да ме обесите

Селекторот на репрезентацијата на Шведска, Ерик Хамрен по поразот од Англија со кој неговиот тим е елиминиран од натамошниот настап на Европското првенство, целосно ја презема одговорноста за неуспехот во Украина.

"Јас сум главниот виновник за двата порази. Ако сакате некого да обесите, тоа можете да го направите со мене", беа првите зборови на Хамрен на средбата со шведските новинари.

Хамрен смета дека неговиот тим добро одиграл само по едно полувреме на мечевите со Англија и Украина и дека тоа сепак не е доволно за победа.

"Против Украина игравме добро во првото, а со Англичаните во второто полувреме. Правевме многу грешки како во одбраната, така и во нападот и за тоа плативме премногу скапо. Останавме без пласман во вториот круг", заврши Хамрен.

Мислењата за Хамрен во шведската јавност се поделени. Некои сметаат дека со неговото доаѓање екипата игра далеку поофанзивно и поефикасно, но критичарите тврдат дека за сметка на добрата игра во нападот, дефанзивата сега е многу послаба страна на екипата.

Сепак и покрај се во моментов никој во Шведска не бара оставка од селекторот, а тој се уште има голема поддршка и од раководството на фудбалската асоцијација.

17 јуни 2012 - 01:14