Приказната за Лука Модриќ

Момчето од селцето Модриќи на кое му се поклони светот

Откако му го убиле дедото во војната, Лука Модриќ живеел како бегалец. Потекнува од скромно семејство, а тренерите не го бендисале бидејќи бил неухранет. Епа сега истото тоа дете за кое викале дека е многу слаб за фудбал, прогласен е за најдобар играч на Мундијалот во Русија.

Никој не ги спори квалитетите на Гризман, Мбапе, Канте, Погба и останатите пулени на Дешамп кои допатуваа во Русија со состав за шампионска титула, ама дефинитивно најзборуваниот и најфалениот играч на ова Светско е Лука Модриќ, човекот со натпросечна фудбалска интелигенција.
 
Мозокот на Хрватска со најмногу поминати километри во Русија ги засени Роналдо, Меси и сите останати ѕвезди, а никогаш не се однесува како ѕвезда. Роден е во Задар на 9 септември 1985-та, а првите 5 години од животот ги поминал во малото село Модриќи кај Обровац.
 
Во Хрватска се вели дека тие како семејство биле единствените кои можеле да живеат во тоа се село, заедно со волците и поскоците. Името го добил по дедо му Лука, а неговите родители Стипе и Јасминка работеле во фабриката Трио во Обровац која се занимавала со производство на плетена облека.
 
Живееле во својот дом се додека не го убиле дедо му во војната на 18 декември 1991-ва година. Таткото на Лука го пронашол телото на 500 метри од неговата куќа, потоа побрзал дома ги собрал жената и децата и ги испратил во Задар.
 
 
Таму ги чекал долгогодишен живот во стари хотели со мали соби каде што ја делеле судбината и со други бегалци од Задар. Денес во близина на еден од тие хотели, Модриќ има стан кој го купил од првата заработка. Со драстичните промени, како губењето на баби и дедовци, како и сопствениот дом, престојот во Задар на Лука му донел и нешто добро - фудбалот.
 
Фудбалското игралиште се наоѓало на само неколку минути д хотелот каде живееле, а Лука за прв пат стапнал таму на 7 години. По завршувањето на војната, семејството Модриќ можеле да се вратат дома, но поради љубовта на неговиот син кон фудбалот решиле да останат во Задар.
 
Таму мајка му на Лука се вработила како шивачка, а татко му после враќањето од војска бил ангажиран во воената база Земуник. Лука денеска раскажува дека тоа време како бегалец не го сфаќал трагично бидејќи бил дете и нема некои големи трауми. Иако оние што го знаат од неколку фази во животот, па макар и само преку камери, ќе забележат малку тажен поглед и брчки меѓу веѓите кои се појавуваат секогаш кога треба да зборува за себе.
 
Лука не сака многу да зборува, а тоа го знаат најмногу новинарите, но наместо зборови познат е по дела кон своите пријатели и роднини. Има две сестри, Јасмина и Диор, а помладата од нив не пропушта ниту еден негов настап на тв. Лука во Задар тргнал во школо, но не со некој голем успех како во фудбалот. Мајка му го терала да учи, а тој мислел само на фудбал.
 
Кога наполнил 15 години, тренерот го однел во Хајдук, но таму му рекле дека е премногу слаб односно дека нема физички предиспозиции за фудбал. Нешто слично му се случило и на Ѕвонимир Бобан кој 15 години предходно во истиот клуб му рекле дека има премногу тенки нозе. Така и на двајцата патот продолжи во Динамо Загреб, а Бобан денес вели дека освен Тоти, негов идол е и Лука Модриќ.
 
Во неговото семејство немале проблем со тоа, бидејќи и татко му Стипе и чичко му Жељко биле ситна градба и играчите фудбал во Зрмање од Обровац. Шефот на младинскиот погон на Задар, Томислав Башиќ му го препорачал Модриќ на Здравко Мамиќ кој догаш бил дел од извршниот одбор на Динамо.
 
 
Мамиќ ја прифатил препораката и така во 2000-та година Лука Модриќ потпишал стипендински договор со Динамо. Се преселил во главниот град на Хрватска и за прв пат живеел без родителите.
 
Додека да се пресели, во Задар завршил прва година угостителско, а во Загреб се запишал во вечерно школо. Во првите три години Лука настапувал за кадетскиот тим на Динамо и се дружел со Нико Крањчар, Едуардо да Силва и Ведран Чорлука со кој станал најдобар пријател и со кој станал клупски колега и во Лондон.
 
Потоа бил на позајмица во Зрински од Мостар каде навивачите му го доделиле трофејот „Филип Шунјиќ - Пипа“, награда која на крај на сезона му се доделува на играчот кој најмногу се истакнал со борбеност. Потоа го испратија да уште позајмица, овој пат во Интер Запрешиќ со кој дебитирал во прва лига. На изненадување на сите оваа екипа догаш била есенски првак.
 
Во Динамо потоа одлучиле повеќе да го го позајмуваат и следните три години со нив на два пати ја освои двојната круна. Следниот чекор во кариерата му бил заминувањето на островот и трансферот во Тотенхем вреден 12 милиони евра за 6 годишен договор. Динамо од тој трансфер заработи 21 милиони евра.
 
 
Кога потпишал за Тотенхем, неговите дома не можеле да заспијат од возбуда. Луѓето од Задар се сеќаваат како русокосото дете секое утро со точак одел на тренинг и на грб носел ранец поголем од него. Кога не возел точак, тогаш трчал со топка, а на неговиот пат имало многу луѓе кои се сомневале во него.
 
Лука имал талент, но неговите родители немале пријатели од тие кругови кои би му помогнале во кариерата. Затоа неговиот успех е и уште поголем.
 
 
На неодамнешната презентација на Задар и Гарден фестивалот, на покана на туристичкиот одбор Лука се појавил 20 минути порано и останал два часа. Потпишувал маици, топки и дресови и разговарал со сите. Тој сите летни одмори ги поминува во Задар каде што израснал. Се бања на градската плажа во Затон, каде со децата се качува на гумени карпи. Ниту по нешто се издвојува, ниту се труди да се однесува како да е над некој.
 
Кога пред три години бил на одмор во Задар, каде му бил и кум на својот пријател Мати, пред црквата го пречекале еден куп деца кои го чекале за автограм. Никого не одбил. Заедно со Лука секогаш е и неговата жена, загрепчанката Вања Босниќ со која има три деца, Ивано, Ема и Софија.
16 јули 2018 - 14:55