Новиот менаџер на Манчестер Јунајтед, Дејвид Мојс во новата ера на „Олд Трафорд" веднаш се наметнува со неговите принципи на работа. Тој очекува напорна работа и голема дисциплина од неговите фудбалери, а истовремено вели дека ќе ги следи сите нови трендови во неговата професија.
50 годишниот стратег посветува посебно значење на работата за време на тренинзите, но истовремено зборува и за тоа дека тренерот во еден клуб треба добро да го развива тимот и со помош на пазарот за време на периодот на транфери.
„Ако некој сака да работи со мене, мора да се труди 7 пати во неделата. Дисциплината потребно е да им дојде од внатре. Многу е важно да им се даде шанса и на младите играчи, а исто така од суштинско значење за нив е како ќе се развива нивната психа", објаснува Дејвид Мојс.
Шкотскиот стратег беше познат како строг и додека седеше на кормилото на Евертон, а од напорното темпо составено од многу спринтови за време на тренинзите, фудбалерите се жалеа дека повраќале. Тоа најдобро го знае Фил Невил на кој му беше тренер 8 години.
„Никогаш нема да го заборавам првото искуство се него. Јас и Микел Артета по тренигот се чуствувавме ужасно. Тој лежеше во соблекувалната на подот, а јас седев, пцуев и го нареков најлош тренер во Премиер лигата", раскажува Невил.
Дејвид Мојс со работа во Манчестер стартува на 1 јули, а резултатите ќе покажат колку се успешни неговите методи.