Митро доби 8 меча, а кои се другите драконски казни во Премиер лига?

Центарфорот кој два пати со безброј голови го внесе Фулам од втора во Премиер лига и кој постави рекорд по број на погодоци во Чемпионшип, е драстично казнет од англиската фудбалска федерација (ФА) со дури 8 меча суспензија, поради тоа што го оттурна судијата на мечот со Манчестер Јунајтед во 1/4 финале на ФА Куп.

Во четвртфиналето на англискиот ФА Куп, Фулам прв поведе против Манчестер Јунајтед на „Олд Трафорд“ и тоа преку Митровиќ кој постигна убав гол во 50’ минута.

Во 70-та минута Манчестер тргна во една контра а по голема шанса и шут кон голот на Фулам, Бразилецот Вилијам намерно играше со рака и ја одби топката за што заслужено доби црвен картон.

Во истиот момент тренерот на Фулам Марко Силва доби црвен картон поради протести а гневот не успеа да го смири ниту Митровиќ кој го оттурна главниот судија па и он доби заслужен црвен картон.

Српскиот репрезентативец и португалскиот тренер подоцна се извинија поради своите постапки, но залудно. 

Англиската ФА, особено по голем притисок од некои стручни коментатори по англиските медиуми, драстично го казни Митровиќ со дури 8 меча суспензија и парично 75.000 фунти. Истовремено тренерот Силва доби два меча суспензија и 20.000 фунти казна. Самиот клуб е казнет со 40.000 фунти поради односот на своите играчи и тренери.

Митровиќ нема да може да игра дури до последните три кола од сезоната во Премиер лига и би требало да се врати за дуелите со Саутемптон, Кристал Палас и Манчестер Јунајтед против кого доби црвен картон.

КОИ СЕ НАЈКАЗНЕТИ ФУДБАЛЕРИ ВО ПРЕМИЕР ЛИГА?

1. За најдрастично казнет фудбалер во Англија ден-денес се смета Инох Вест кој во 1915-та година бил осуден на 30-годишна затворска казна поради местење натпревари.

Вест играл за Манчестер Јунајтед а казнет бил со соиграчите од Јунајтед Сенди Тернбул и Артур Воли а заедно со нив осудени и казнети биле уште и фудбалерите на Ливерпул Џеки Шелдон, Том Милер, Боби Персел и Томас Фејрфол. Сите биле учесници во местење натпревари и доживотно исфрлени од фудбалот.

Инох дури и кога му завршила казната, во 1945-та година кога веќе имал 59 години, тврдел дека е невин. Тој категорично се бунел против својата суспензија и дури тужел за клевета. Два пати изгубил на суд после што кратко играл во Ирска под друго име, но бил откриен и повторно суспендиран. Се до својата смрт во септември 1965-та тврдел дека е невин.

2. Втор на оваа листа е Џое Бартон, најпознатиот касапин во англискиот фудбал кој до скоро играше во Премиер лига. Некогашниот фудбалер на Манчестер Сити во 2017-та година беше исфрлен од фудбалот на 1 месеци поради докажано учество во кладење. Бартон наводно уплатил дури 1.260 опклади на фудбалски натпревари во периодот од март 2006 до мај 2013, што е најстрого забрането за фудбалери, тренери и воопшто луѓе во самата игра во Англија.

3. Следи Марк Боснич кој бранеше одлично за Челси но беше суспендиран на дури 9 месеци откако беше откриено дека користел кокаин. Голманот од Австралија после оваа казна никогаш не се врати во некогашната форма.

4. Ерик Кантона, легендата на Манчестер Јунајтед доби 9 месеци по светски познатата ситуација кога со кунг-фу удар со нога нокаутираше навивач на Кристал Палас на сред трибина за време на мечот. Добил Кантона тогаш и 120 часа друштвено-корисна работа на терен.

5. Рио Фердинанд, исто како играч на Манчестер Јунајтед беше казнет со 8 меча поради тоа што пропуштил допинг тест на кој бил уредно поканет и викнат. Рио се правдал со зборовите дека „отишол на шопинг“ и заборавил.

6. Адријан Муту - 7 месеци доби Романецот на врвот од својата кариера поради тоа што беше позитивен на кокаин.

7. Коло Туре од Арсенал доби 6-месечна казна поради користење недозволени супстанци, но подоцна одлуката беше променета и казната му беше делумно намалена поради тоа што било докажано дека несвесно го направил тоа.

8. Паоло Ди Канио, познатиот италијански контроверзен фудбалер и тренер, на времето доби 11 меча суспензија како играч на Шефилд Венздеј поради тоа што го оттурнал судијата Пол Алкок кој паднал на тревникот. Ди Канио претходно добил црвен картон.

9. Дејвид Пратон од Саутемптон кркал казна од дури 10 натпревари зошто откако добил црвен картон, исто како и Ди Канио му се пуштил на судијата Алан Вајли и два пати го турнал.

10. Најпознат меѓу сите овие е Луис Суарез кој како играч и најдобар голгетер на Ливерпул доби дури 10 меча поради тоа што го гризна намерно Бранислав Ивановиќ од Челси.

Луис Суарез верувале или не, два пати е на оваа листа затоа што доби 8 меча за расистички навреди кон фудбалерот на Манчестер Јунајтед Патрис Евра.

5 април 2023 - 10:04