На крајот од декември 2018 Милан одново пушти во продажба сезонски карти за втората полусезона. Екипата беше шеста, на само неколку бода од четвртото место, а ја чекаа домашни натпревари со Наполи и Интер. Клубот ги мотивираше навивачите дека на тимот му треба поддршка во борба за место кое води во Лига на шампиони.
Но луѓето кои го водат сајтот Milannews објасниле дека правата причина за тоа е што Милан спрема голем трансфер и сака да привлече повеќе луѓе на трибините, да не бидат пусти трибините на Сан Сиро кога ќе заигра новото засилување.
Златан Ибрахимовиќ беше спремен да се врати, Леонардо веќе се договорил со напаѓачот и неговиот менаџер Мино Рајола за договор на 6 месеци според кој Ибра би земал 2,7 милиони евра.
Исто така Леонардо се договарал и со Сеск Фабрегас кој бил втор на листата приоритети на Бразилецот.
Цел месец медиумите пишуваа дека Ибра е завршена работа, а исто и Сеск. Но во декември во Милан дојде CEO Иван Газидис (човек од доверба на сопствениците на Милан од Eliott Managment) и брзо стави вето на сите договорени трансфери. Тој сметал дека на екипата не ѝ требаат ветерани.
Наместо Златан во нападот дојде Кшиштоф Пјонтек, а Лукас Пакета беше договорен уште претходната есен. За овие двајца играчи Милан потроши 70 милиони евра.
Се зборуваше дека Газидис го критукувал Леонардо за зимскиот преоден рок. Пјонтек и Пакета станаа стандардни првотимци и брзо докажаа дека вредат, но самите не може да му помогнат на Милан да заврши четврти и да оди во ЛШ.
Пласманот во Лига на шампиони беше критични неопходен за Милан поради финансиски проблеми.
ЗОШТО СИ ОТИДОА ГАТУЗО И ЛЕОНАРДО?
За тоа дека Џенаро си оди, се знаеше уште на пролет. Медиумите пишуваа дека Рино ќе замине ако клубот не обезбеди ЛШ. На крајот Гатузо дури и му простил пари на Милан. Брзо после него отказ доби и Леонардо кој не се согласувал многу со Гатузо.
Тие двајца никогаш не го потврдиле конфликтот, постојано тврдеа дека тоа се новинарски измислици, но инсајдерите пишуваа дека Гатузо останал тренер на Милан во 2018/2019 само благодарение на познанството со Малдини.
Леонардо сакал да го потпише Конте, му ветувал на Игуаин дека Антонио ќе биде нов тренер, но Малдини решил да ја истера идејата да му се даде шанса на Гатузо.
Во текот на сезоната уште неколку пати се појавија информации за желбите на Леонардо да го смени Гатузо: со Арсен Венгер, па со Донадони итн. Но Гатузо ја доработи сезоната и оставката на Лео по заминувањето на Џенаро беше нелогична.
Според Gazzetta dello Sport, Бразилецот немал исти идеи со Иван Газидис.
Во големото интервју за La Gazzetta dello Sport, Газидис, кој долги години беше директор во Арсенал, ги објаснил целите на клубот:
- економска реорганизација, реинвестиција;
- зголемен квалитет на екипата, враќање меѓу лидерите на италијанскиот и европски фудбал;
- решение на ситуацијата со стадионот „Сан Сиро“ или изградба на нова арена.
Милан се откажа од супер ѕвезди и враќање на познати ветерани. Росонерите се решија да се потпрат на млади фудбалери „кои ќе растат заедно со клубот“.
„Кога играш покер, влегување all-in не е ризик, туку е грешка. Пат во бездната“, рекол Газидис кој во моментов одлучува за главните прашања во Милан. А Леонардо сфатил дека ваквите ограничувања на пазарот не се за него.
МАЛДИНИ СТАНА ВТОР ЧОВЕК ПОСЛЕ ГАЗИДИС
Паоло Малдини буквално се пакувал да тргне по стапките на Леонардо и да си оди после само една година. Тој сакал да види перспективен проект. Во меѓувреме претседателот на Милан (фигурира како претседател, инаку не носи никакви решавачки одлуки) Паоло Скарони рекол дека сите важни решенија ќе ги носи Малдини.
Газидис јавно кажа дека му понудиле на Малдини да биде центар на развојот на новиот Милан.
„Сакам да работам со Малдини. Сакам тој да остане и да ми помогне во оваа сложена работа. Ќе добие централно важна улога. Му се восхитувам. Тој ја претставува културата на Милан. Идеален е за таа позиција. Ќе има јак тим на помошници. Ќе има реална власт и влиание“, искрено рекол Газидис.
Малдини после неколку дена прифати да остане на позицијата директор за стратешки развој на спортскиот департмент - иако никој не знае што точни значи оваа функција, затоа што Малдини присуствува на прес-конференции, презентации на нови играчи, дава интервјуа, се појавува на тренинзи, во медиумите итн.
Од летово легендарниот капитен на Милан е технички директор на клубот. Тој го зел местото на Леонардо иако должноста се вика поинаку. Офцијалниот сајт на Милан ја опишува задачата на Малдини - како управување со планот за равој на целиот спортски департмент, вклучувајќи го и трансфер пазарот.
Според информациите од Calcio e Finanza, неговата плата пораснала од 1,8 милиони евра до 3-3,5 милиони евра. Малдини стана втор човек во клубот после Газидис, а CEO-то ќе го има последниот збор во однос на трансферите и новите договори.
Малдини лично се занимава со преговори. Левиот бек Тео Ернандез дојде во Милан на позајмца откако се појавија фотографии од ресторан во Ибица на кои е и Малдини.
ЗОШТО ТОГАШ ИМ ТРЕБА СПОРТСКИ ДИРЕКТОР?
Поранешниот соиграч на новиот тренер на Милан Марко Џамполо, Фредерик Масара (во ’90-те години играле за Фиделис Андреа) стана спортски директор. Прв избор на Газидис и Малдини беше Игли Таре од Лацио, но Албанецот одби и реши да остане во Лацио.
Масара од скоро време работи во спортски сектор. Тој бил помошник на Валтер Сабатини во Палермо и Рома, бил генерален секретар на Рома, а кратко бил и спортски директор на „волчицата“ по заминувањето на Сабатини во 2016-та и Мончи минатата пролет.
Откако Игли Таре одбил, во Милан решиле Малдини да биде одговорен за трансферите но тој нема лиценца и диплома за спортски директор (се посетува курс во Коверчано), па затоа го назначиле Масара.
Улогата на Фредерик беше јасна кога уште на презентацијата на новиот тренер Џампаоло кажал само два збора и практично немал комуникација со медиумите. Затоа навивачите на Милан повеќе се шегуваат со неговата позиција отколку што сериозно ја сфаќаат.
СО ШТО ЌЕ СЕ ЗАНИМАВА ЗВОНИМИР БОБАН?
По преминот на Малдини на нова должност, се појавија информации дека во Милан ќе дојдат поранешни играчи на клубот. Се зборуваше за Руи Коста и Кака, но работа во Милан доби Звонимир Бобан, Хрватот кој со Малдини играше од 1992 до 2001-ва, а последниве три години работеше во ФИФА како вице-секретар за равој на фудбалот.
Во Милан Звоне Бобан ја доби загадочната улога Chief Football Officer која што ја создале само за него. Газидис рекол дека искуството од работата во ФИФА, Бобан ќе може да го пренесе во односите на клубот со меѓународните фудбалски органи.
„Бобан тесно ќе соработува со мене и Малдини“, рекол Иван Газидис.
Самиот Бобан изјави дека одамна сонувал да се врати во Милан: „Кога Паоло ми се јави, јас сред ноќ седнав во кола и отидов кај него дома за да ги договориме деталите“.
Поранешните легенди на Милан уверуваат дека Малдини и Бобан во пакет, се идеално дуо за управување со клубот.
„Звоне е многу искусен, често разговараме. Тој и Малдини разбираат дека интересите на Милан се поважни од нивните лични интереси“, рекол поранешниот шпиц Марко Симоне.
Бобан долго време работеше експерт во студиото на Sky Sport Italia и редовно ги критикуваше росонерите за беспланското работење. Тој во студио отворено зборуваше против Филипо Инзаги под кого Милан играл бескрвно и безиницијативно, го критикуваше Адриано Галијани што Милан ја изгуби класата.
Токму Бобан бил најзаслужен за завршената зделка со новиот фудбалер на Милан, Раде Круниќ од Емполи. Се сретнал и со агентот на Дејан Ловрен и зборувал со Предраг Мијатовиќ за Лука Модриќ. Бобан активно се вклучил во процесот и судејќи по се, неговата приоритетна задача е промена на составот.
КОЈ Е НОВИОТ ТРЕНЕР МАРКО ЏАМПАОЛО?
Уште пред отказот на Гатузо, во медиумите секој ден се појавуваа нови варијанти за негов наследник. Се зборуваше за Маурисио Почетино, за Сержио Консеисао, за Марк ван Бомел, за Еузебио Ди Франческо, а откако Јуве раскина договор со Масимилијано Алегри, имаше шпекулации дека Макс може да се врати во Милан.
Како што пишуваше Tuttomercatoweb, Алегри одбил и им рекол да обрнат внимание на тренерот на Сампдорија Марко Џампаоло.
Алегри и Џампаоло се знаат многу добро и се дружат преку поранешниот тренер на Пескара, Џовани Галеоне. Уште по назначувањето на Џампаоло за нов тренер, на интернет се појави фотографија на која беа тој, Алегри и Галеоне.
Алегри играл на времето во Пескара кај Галеоне кој подоцна го носел и во Перуџа, Наполи и Удинезе. А Џампаоло му бил помошник на стариот Галеоне во Пескара.
„Џампаоло е забеган по фудбал. Во младоста беше во Барселона каде стажираше кај Ван Гал“, рекол Џовани Галеоне за новиот тренер на Милан.
Неговата основна фудбалска идеја е нападот. Тој сака неговите екипи да играат ниско по земја, со повеќе додавања, нешто како Гвардиола. За 15 години кариера, Џампаоло собра многу комплименти од великаните. Фабио Капело на пример рекол дека во него се гледа себеси, а Ариго Саки го нарече Џампаоло тренер-диригент кој прави чуда. Но се постаува едно логично прашање - зошто 51 годишниот Марко досега никогаш не работел со голема екипа?
Интересно, Марко Џампаоло можеше да стане тренер на Јувентус уште во 2009 година. По успешната сезона во Сиена, Џампаоло го викнале во Торино, но во последен момент нов тренер на Јуве тогаш стана Чиро Ферара.
„Јас никогаш не прашував зошто така излезе. Имаше обид, но ништо страшно. Не очекував воопшто дека Јувентус ќе ме викне“, рекол Џампаоло.
Еднаш како тренер на Бреша, кога претседателот застанал пред бесните тифози да се извинува за слабите резултати, Џамполо го исклучил телефонот и за Gazzetta dello Sport го критикувал системот на италијанскиот фудбал каде од тренерите се бараат нереални резултати.
После таквиот смел испад, морал да почне од нула - станал тренер во Лега Про (скоро полу-аматерска лига).
„Го презедов Кремонезе, аутсајдер во последната професионална лига во Италија и тогаш првпат решив да се докажам од најниската дивизија, да видам дали може да се пробиеме на повисоко ниво“.
После една година отишол во Емполи каде го замени Маурицио Сари (самиот Сари го препорачал кај претседателот) и екипата заврши 10-та на табелата. Потоа три години беше во Сампдорија каде екипата заврши во сигурните први 10 на табелата, а сензација на неговиот престој во Џенова беше триумфот над Јувентус од 3:2 во ноември 2017.
Со Џампаоло, Дорија се ориентираше на борба за европкупови а не за опстанок.
„Нашата мисија е да играме пријатен фудбал за очи и да победуваме“, рекол Џампаоло.
Задача во новата сезона ќе им биде да се пласираат во Лигата на шампионите каде и самите заборавиле кога последен пат играше Милан.
Хиерархијата на Милан денес изгледа вака:
- Eliott Management, компанијата сопственик на мнозинството акции на Милан. Газди на Милан се таткото и синот Пол и Гордон Сингер.
- Под нив Паоло Скарони фигурира како претседател на Милан иако не носи важни одлуки.
- Следува Иван Газидис, CEO кој е главен со управување со клубот и го има последниот збор за трансфер прашања.
- Паоло Малдини е технички директор, легенда на Милан кој се занимава со трансфери во клубот.
- Звонимир Бобан го претставува клубот во односот со меѓународните фудбалски органи и помага со трансферите.
- Фредерик Масара фигурира како спортски директор, иако е човек со нејасна функција во Милан, веројатно како покритие за тоа што Малдини уште нема лиценца за спортски директор.
- Марко Џампаоло, тренер.