Михаило Мики - првиот странски тренер кој добил дозвола да работи во Северна Кореја

Единствениот странец кој водел фудбалски клуб во Северна Кореја и единствениот Србин кој го сретнал мистериозниот Ким Џонг Ун, раскажува што доживеал во оваа земја.

Михаило Мики Ивановиќ е 71-годишен фудбалски тренер кој во кариерата претежно водел српски клубови а станал популарен откако во 2016-та заминал да работи во Северна Кореја како прв странски фудбалски тренер во оваа земја.

На почетокот на својот тренерски пат, Ивановиќ имал мала авантура во Кина, па се враќа во Србија каде ги водел речиси сите клубови освен Црвена звезда и Партизан. Има 30-годишно тренерско искуство.

Во еден момент седнува на клупата на клубот „25 април“ од Северна Кореја.

„Тоа е помалку бајковита приказна, како од филмови. Добар пријател ме праша дали сакам да одам во Кореја и му реков сакам. Ама Северна! ми одговара. Воопшто не мислев дека може да се оствари навистина па за да го откачам му реков важи. Во понеделник ми се јавува и вели во петок летаме. Каде бре летаме?! Во Кореја, ми одговара.

Сам ќе леташ а јас ќе дојдам подоцна. И јас во авион за Минхен, од Минхен во Пекинг, таму спиев два дена и дојде еден полковник преку кој одеше се. Тој полковник има доаѓано во Србија како чувар на некои играчи од Северна Кореја кои играле тука“.

За среќа во Пјонгјанг тогаш беше и нашиот одбојкарски тренер Бранислав Моро кој ми помогна“, вели Ивановиќ.

 Освоил четири турнири во напорниот систем.

„Таму нема лига, се игра шест турнири годишно, напорно е, пукаат мускули, препони, замисли имаш седум подготовки. А мојот клуб беше воен, најпопуларен и зад него стои шефот на државата Ким Џонг Ун. Десет дена откако дојдов го имав првиот натпревар. Во меѓувреме селекторот на Северна Кореја ми ги зеде десетте најдобри играчи кои кога еднаш одат за репрезентација веќе не се враќаат во тим“.

За српски Мондо, Мики Ивановиќ раскажува:

„Победивме 2-0 а натпреварот да ти бил финале. Јас не знаев, па преведувачот ми кажа: „Не ти кажавме зошто само десетина дена си тука“. Навивачите пееја Србија, Србија кога освоивме турнир и ме фрлаа во воздух. Баш нè сакаат. Ме прифатија зошто во Кореја доаѓавме од Југославија каде Тито беше претседател, а Ким II Сунг доаѓаше во Белград и со нив бевме во добри односи. Не ги сакаат Американците, ми викаа: „Ве бомбардираа!“.

За фудбалот вели:

„Тие се сјајни техничари и направивме игра тики-така. Им пуштав снимки од Баерн на Гвардиола и беа воодушевени. Имаше еден полковник кој беше задолжен за фудбал и тој беше против да ставам западни работи. Затоа си отидов“.

За животот во оваа навидум мистериозна земја:

„Секој ден поминував по неколку часа во кафуле кое многу ми се допаѓаше. Отворено беше 24 часа. Ден ноќ! На почеток девојките кои таму работеа беа резервирани, но како доаѓав секој ден, а знаеа кој сум и од каде сум, се спријателив со нив. Една малку зборуваше англиски па ја прашав дали стварно работат цела ноќ, ми рече да. Рестораните им се полни. Пијат, јадат. Имаат и ракија, еднаш се напив и никогаш повеќе! Паднав! Катастрофа колку беше јака“.

Што му оставило најчуден впечаток?

„Она што остава најсилен впечаток е Ким Џонг Ун. Имаат два канали и тој е на тие канали 80 посто од времето, секогаш се зборува само за него. Дали е толкав злосторник како што се зборува не можам да знам, но знам дека му се плашат, го сакаат, го почитуваат, видов и дека имаше полно туристи.

Доаѓаат, мештаните ги чекаат, имаат некои планини со поглед на море, од таму веројатно лансираат некои ракети“.

Интересно, Северна Кореја го има можеби најголемиот фудбалски стадион на светот кој собира 144.000 гледачи.

„Тренираат таму каде што и јас тренирав, на воен камп. Тренингот кој го држев е нула во споредба со интензитетот и напорот на нивниот тренинг. Тренираат по пет-шест часа“.

За средбата со Ким Џонг Ун што е права реткост.

„Беше кратко, ми понуди цигара, видел дека пушам, а видов и дека тој пуши, прстите му беа жолти. Не сакаше англиски иако зборува подобро од мене, студирал во Швајцарија.

Преведувачот стои тука, јас зборувам, он се смешка, како да чека превод. Му кажав дека натпреварувањето не им е добро, дека мораат да преминат на лигашки систем а тој веднаш викна еден генерал-полковник, претседател на сојузот и му рече: „Утре седни со него и да го завршиме тоа, да ви даде идеи“.

Малку нешта од Северна Кореја доаѓаат до светската јавност. Важи за една од најзатворените, најконзервативни земји на светот. Многу се претпазливи со странци.

„Поминав многу места. Не можев да влезам таму каде што се балсамирани Ким Ил Сунг и Ким Ил Џонг. Барав, дојдов пред тој мавзолеј, но не ми дадоа да влезам. Инаку ги посетив и оние нивни огромни статуи од по 20 метри, се сликав таму и прошетав.

Западниот свет обично пишува дека во Северна Кореја се умира од глад и дека е забрането сè, од слободни фризури па до гласно смеење. Немаат интернет. Но Михаило има друг впечаток:

„Како успевав да стапам во контакт со семејството? Е тука ми направија голема услуга. Мојот преведувач кој беше шмекер, мангупче, ми вети дека ќе проба да ми направи Вотсап. Отидовме во некој хотел и ми кажа дека ќе мора да седам тука едно три четири часа додека не го заврши тоа. 100 кафиња испив. Доаѓа, ми го дава телефонот и вика е сега може да се јавувате.

Проблем било и како да пратиш пари во Србија кај семејството.

Нашите банки не работат со севернокорејски. Ме исплаќаа во долари, не може поредовно од кај нив. Секој први на пладне доаѓа полковник Лин со коверт и вели: изброј! Јас велам не. И сега како да го пратам тоа? 

И после одам со преведувачот во една банка која има контакт со Кинезите. 

Во Кина го имав Сале Станојевиќ (екс тренер на Партизан и кинески клубови) кој можеше таму да подигне пари и да им прати на моите преку Вестерн унион. После два дена ми се јавува тип од банката, ми дава име на банката од Кина и адреса, јас му вртам на Сале и он оди да види дали легнал кешот. Подигни Сале се и уплати на тој Вестерн унион. Сале вели дека тоа ќе чини 150 долари. Ма ме боли уво!“, вели Михаило Ивановиќ.

Како изгледа Пјонгјанг?

„Многу е поинаку и поинтересно од сето она што се претставува и што се знае, а малку се знае. Не можам тоа да го споредам со наши животи. Пјонгјанг е преубав град, веројатно е срушено се старо зошто изгледа на нов град. Потсеќа на Нов Белград со широки булевари и високи згради. Низ центарот минува реката Дедонг со многу островца и на секое од нив има стадиони. Сите се со вештачка трева освен еден. На периферија од градот е еден од најголемите зоолошки градини на светот, пет часа поминав таму и ни четвртина не видов сè“.

За народот.

„Неверојатно е колку ја сакаат својата земја, за нив постои само Северна Кореја и ништо друго. Неверојатно се дисциплинирани. Многу чудна земја, наклонети ни се уште од дамнешни времиња кога Тито беше маршал на стара Југославија па владетелите се посетувале порано“.

11 мај 2023 - 12:39