Бегајќи од пеколот каде немаат ниту за парче леб, група мигранти кои ги напуштиле своите родни земји во Африка станаа фудбалери во сицилијанскиот тим Кара Минео кој по долги подготовки и натпреварувања на локални турнири го одигра и првиот официјален натпревар.
Сицилија е остров каде илјадници бегалци од Африка го наоѓаат својот спас, а само во поранешната американска база Кара која се простира на 160 илјади квадрати има 4.000 мигранти кои живеат во 400 вили.
Помеѓу нив има и многу таленти кои растеле со топката, па така се роди и првиот клуб на мигранти во Италија. Предводен е од Џузепе Манцела кој е поранешен фудбалер од четвртата италијанска лига, а тимот го составил со најдборите 25 играчи.
Кара Минео е интернационална екипа со деца од многу земји како Сомалија, Мали, Гана, Гамбија, Нигерија, Того и Камерун. Тие немале покрив над глава, гладувале и со бродови бегале за да пронајдат излез од тунелот. Меѓу нив се роди и еден екстра талент кој заврши во германската Бундес лига.
„Мојот сон е да станам професионален фудбалер како мојот пријател Габон кој играше со мене во кампот, а пред два месеци замина во екипата на Хофенхајм. Кога не извести каде ќе игра сите заедно го прославивме неговиот успех и бевме пресреќни како да сме успеале сите да заиграме таму", вели еден од членовите на екипата.
Тимот на Кара Минео првиот официјален натпревар го мина успешно со резултат 1:1, а авантурата ја започна во десеттата италијанска лига наречена „Трета категорија". Првите три кола од првенството ги пропуштија затоа што играчите се уште ги немаа обезбедено документите за престој.
Стручниот штаб на клубот е веќе на маки, затоа што многумина чекаат на ред да ги покажат своите способности за фудбал, а потоа да обезбедат дозвола за престој која ќе им овозможи да бидат дел од екипата.
Меѓу нив има разни приказни како онаа на 19 годишниот играч од средниот ред кој сакал да остане анонимен. За време на бегството од војната во Либија ги загубил родителите, а во Италија пристигнал со својот 3 годишен брат.
По дебитантскиот натпревар беа насмеани, среќни, но и центар на вниманието на медиумите, а пеколот кој го доживеале уште од најмали години сега се обидуваат да го заборават, а преку фудбалот да се обединат и да си го променат животот.