Меси и Аргентинците се спремни за дербито со Бразил

Во 1:30 часот после полноќ на култната Маракана во Рио се игра најголемиот светски фудбалски класик Бразил - Аргентина во рамки од квалификациите за Светско првенство 2026. Гаучосите веќе пристигнале во Рио де Жанеиро а фудбалерите одржале еден тренинг.

Аргентина е лидер во групата со 12 бода, Уругвај е втор со 10, Колумбија трета со 9, Венецуела четврта со 8 а Бразил неочекувано 5-ти со само 7 бода (имаат веќе 2 гостински порази).

Интересно „кариоките“ никогаш не изгубиле домашен натпревар од квалификации за Светско првенство. На 64 натпревари имаат 51 победа и 13 нерешени.

Што се однесува до Лео Меси, тој против Бразил одиграл 13 дуели во кариерата и има по 6 победи и порази и една нерешена. Постигнал 5 гола против кариоките но сите на пријателски средби. На официјални натпревари има повеќе од 700 минути против Бразил и има 0 голови и 0 асистенции. Во Јужна Америка најмногу голови на официјални средби дал против Боливија (8) и против Еквадор и Уругвај по 6.

Бразил е на списокот на седум репрезентации против кои Меси постигнал хет-трик, факт вреден сценарио за документарка.

21 ноември 2023 - 09:58