Меси без трофеј, Чиле е шампион на Јужна Америка

Аргентина остана без пехарот кој им фали од 1993. година кога славеа со легендарниот Габриел Омар Батистута, а Чиле за прв пат ја освои Копа Америка по пенал рулетот кој го одлучи шампионот.

Во финалето на Копа Америка во Сантијаго после 120 минути немаше голови, а домашниот тим беше поуспешен во пенал серијата и на крајот славеше 4-1.
 
На почетокот Аргентинците полудеа со својот Патриотски марш Marcha Patriotica, а потоа 55.000 домаќини ја згрмеа Националната песна, Cancion Nacional со традиционално пеење до крајот дури и кога оркестарот ја заврши химната. Во текот на целиот меч се играше тврд фудбал, со многу фаули и прекини, а домаќините имаа иницијатива во поголем дел од натпреварот. Гари Медел и Артуро Видал ги добија речиси сите дуели на средината од теренот, а Аргентина ја базираше играта на контри и полу-контри, но без никаква реализација пред противничкиот гол.
 
Аргентинците како да не очекуваа пенали, затоа што тотално неспремни шутираа Игуаин (сезонава промаши 6 пенали) и Банега, а само Меси беше прецизен. Херој на мечот беше Алексис Санчез. Фудбалерот на Арсенал со паненка му донесе големо славје на Чиле.
 
После неверојатни пет порази во финалињата, Ла Роха во 99. издание на Копа Америка конечно на домашен терен го крена пехарот, додека Аргентинците не ја освоија титулата ни после 22 години.
 
На тој начин Лионел Меси остана на само два трофеи со репрезентацијата, но не во сениорска конкуренција. Во самото финале, Меси иако не беше на своето ниво, сепак се издвојуваше во бледата игра на Аргентина. Од друга стана, Чилеанците го крунисаа одличниот период, иако на Копа често имаа домаќинско судење.
 

Аргентинските медиуми го обвинуваат селекторот Херардо Мартино за неуспехот затоа што во игра не го внесе Карлос Тевез кој беше јунак во четвртфиналето. На Тата Мартино му се замерува и поради тоа што во пенал серијата одбрал да шутира Игуаин кој имаше очаен финиш на сезоната во Наполи.
 
Чиле по седми пат беше домаќин на Копа Америка, на која Уругвај е најуспешна селекција со 15 титули. Бразил четири пати го креваше трофејот на последните шест првенства. Аргентина има 14 титули, но последната освоена во 1993. година кога Батистута му даде два гола на Мекиско во финалето.

 
Пенал серијата и маестралниот Алексис Санчез:
Славјето во Сантијаго: