Пенал проклетството на Гонзало Игуаин

Промашениот пенал против Лацио следува после лошо изведените со Киево, Аталанта и Милан. На тој начин Пипита Игуаин од можен херој, стана симбол на промашени пенали во една сезона и покрај 29 постигнати голови во 2014/2015.

Ако промашиш зицери во полуфинале од Лигата на Европа, ако промашиш четири пенали во првенството, од кои последниот во последното, одлучувачко коло во дуел за пласман во ЛШ, тогаш тоа може да биде пресудно за неуспешноста на играчот. Или на сезоната.

Тоа му се случи на Гонзало Игуаин, кој иако даде 18 голови во Серија А и вкупно 29 во сите натпреварувања сезонава, остана големо разочарување како и неговиот Наполи. Можеше да заврши како херој и да го обели последниот поздрав на Рафа Бенитез, но заврши како трагичар кој веројатно ќе го следи примерот на тренерот кој го напушта бродот.

Игуаин му даде два гола на Лацио, но го промаши пеналот на 30 минути пред крајот и така Наполи ќе се задоволи само со Лигата на Европа, а Сан Паоло ќе остане без Лигата на шампионите.

Проклети 11 метри

Проклетството на пеналите. Сè започна во второто коло, на отворањето на сезоната на Сан Паоло, кога при резултат 0-1 за Киево, гостинскиот голман Барди му одбрани пенал на Игуаин. По тој момент, на Игуаин му требаше време до 26. октомври кога на Верона ѝ даде три гола.

Три дена подоцна, во Бергамо, при резултат 1-1 во 90-та минута Игуаин промаши пенал и Наполи остана без драгоцени два бода. Уште еден пенал, уште една грешка.

Во Катар Игуаин не погреши, и од пенал му го донесе на Наполи Суперкупот на Италија, единствен трофеј во сезоната. Следуваше промашениот пенал против Милан кој не беше пресуден, затоа што Наполи славеше 3-0 а Игуаин го даде вториот гол.

Последниот, против Лацио вчера беше најтрагичен затоа што Римјаните водеа 0-2, Наполи израмни 2-2 и тогаш Игуаин промаши цел гол за 3-2 на половина час пред крајот. Од 7 пенали во првенството, Игуаин реализираше само 3 и тоа е под 50% успешност.

Бенитез реши да замине во Реал Мадрид, без разлика дали Наполи ќе успееше да се пласира во плејофот од ЛШ или не. Од друга страна, Игуаин цела сезона играше со горчината од испаѓањето од плејофот на ЛШ лани од Билбао, така што би можел да го следи примерот на тренерот и да го напушти клубот.

1 јуни 2015 - 14:46