Ако се погледнат имињата на тренерите на утрешниот дуел од Премиер лигата меѓу Манчестер Сити и Евертон, тогаш асоцијацијата е Барселона, онаа стара Барселона со која Јохан Кројф доминираше и освојуваше титули во почетокот на 90-те.
Великанот на фудбалот и творец на славната школа Ла Масија го донесе Роналд Куман во Барселона од ПСВ во 89-та, но во контекст на неговото утрешно соочување со Гвардиола ова е приказната за тоа како заиграа заедно. Кога во една прилика Кројф меркал таленти во академијата на Барса забележал надежен играч познат како Пеп во време кога Куман бил лидер на терен.
„Роналд има едно брилијантно дете кој брзо размислува, има потенцијал, но е незрел. Што велиш да му бидеш тутор? Би сакал да стане твој нов соиграч и цимер кога одиме на гостувања и подготовки“, му рекол Кројф на Куман.
И сега тука следува едно реторичко прашање: Па зарем верувате дека некој негативно може да одговори на барањата на учителот? Куман рекол зошто да не и така се раѓа нивната заедничка историја.
Од една страна Куман од некои сакан, од други омразен, технички многу спремен и многу моќен, играч со вкупно 239 голови во кариерата (а не беше напаѓач). Од друга страна Пеп, повеќе внимателен и спокоен, со заразна харизма.
„Веднаш знаев дека тоа беше човек на место, ненаситен за учење. Се покажа навистина фантастичен“.
„Пеп беше човек на место и многу скромен. Како пример ќе ви кажам само дека кога влезе во прв тим возеше Голф купен на старо и после три години уште го возеше“
„Разговаравме часови и часови за фудбал. Повеќе време поминував со него, отколку со жена ми. Што беше тема на денот? Посед на топка, модели и тики – така. Бевме идеалисти и огромни приврзаници на фудбал“, вели Куман
Стручното око на Кројф кој освен Куман и Гвардиола во дрим тимот на Барса доведе и имиња од типот на Лаудруп, Ромарио, Хаџи и Стоичков, ги спои Холанѓанецот и Шпанецот кој станаа славни фудбалски имиња. Гвардиола како играч освои 16 трофеи во Барса, а Куман 10. Заедно се радуваа на девет.
Се работи за големо меѓусебно почитување на двајцата големи играчи кои нивното знаење сега го пренесуваат во Англија. Се гушкаат пријателски по мечот и одат на пиво во англиските пабови далеку од љубопитните очи. Таму имаат можност повторно да зборуваат за фудбал со часови и часови и да се навраќаат на славните денови со Јохан Кројф.