Малерозниот Кевин Де Брујне трет пат се повредува против Интер

Белгиецот кој за кратко време стана лидер на неговиот нов тим Наполи, само што влезе во форма и ритам, се повреди и ќе отсуствува најмалку до февруари, соопшти Наполи. Тој за време на дуелот со Интер кој Наполитанците го добија 3-1 постигна гол од пенал, но веднаш по изведениот пенал се пожали на болка во задната ложа.

Кевин Де Брујне го отвори резултатот на дуелот Наполи - Интер (3-1) со гол од пенал ама после неколку часа дозна дека повредата која што ја доживеал при шутот е сериозна: тешко истегнување на феморалниот бицепс на левата бутина.

Оваа повреда ќе го оддалечи неколку месеци од терените, баш кога италијанскиот шампион влезе во форма и ритам во Серија А.

Де Брујне не го ни прослави голот од пенал туку веднаш се фати за бутниот мускул додека соиграчите го гушкаа. Набрзо излезе од игра со помош на двајца лекари.

Наполи во понеделникот соопшти дека ќе остане без неговите услуги неколку месеци.

Неаполскиот „Ил Матино“ пишува дека фудбалерот веќе нема да игра за Наполи во 2025, а БеИН Спортс се повикува на извори во клубот и пишува дека Кевин нема да игра најмалку до февруари.

Белгискиот медиум HLN се сеќава на слична повреда на Де Брујне уште во 2023-та: Кевин тогаш пропуштил четири месеци. Тогаш некои шпекулации одеа многу далеку и даваа прогнози дека повредата би можела засекогаш да го оддалечи од фудбалот но Белгиецот со лекарска помош се врати во фудбалот.

На ногата имаше лузна од повреда во должина од 20 сантиметри. Де Брујне поради таа повреда пропушти дури 240 дена. Сега пак го стигна истата.

НЕВЕРОЈАТЕН ПАРАДОКС - ТРЕТА ПОВРЕДА НА ТРЕТ ДУЕЛ ПРОТИВ ИНТЕР

Кевин Де Брујне првпат се повреди против Интер во финалето на Лига на шампиони во 2023-та кога Манчестер Сити стана европски шампион. После се повреди исто против нераѕурите во 2024-та година во Лига на шампиони, а сега во дуел од италијанското првенство исто против Интер.

Сега Кевин нема да може да му помогне на Наполи во Лига на шампиони против Ајнтрахт, против Карабах и Бенфика во натпревари закажани за 2025-та, ниту на репрезентацијата на Белгија во трката за пласман на Светско првенство против Казахстан и Лихтенштајн. А во втората половина на декември нема да игра ниту во дуелот од италијанскиот Суперкуп за прв пехар во сезоната.

САМО ШТО ВЛЕЗЕ ВО ФОРМА, ЌЕ МОРА НАДВОР ОД ТЕРЕН

Белгиецот кој стана голема ако не и најголема клупска легенда на Манчестер Сити чиј капитен беше и освои еден куп трофеи, минатата сезона го напушти Манчестер.

Минатата сезона тој пропушти 12 натпревари за клуб и репрезентација поради повреда доживеана во есента 2024-та. Тој играше се помалку во Манчестер Сити поради повреди. Од главен играч набрзо му падна статистиката на асистенции, шутеви и други компоненти.

Во најважните натпревари Манчестер Сити често почнуваше без него, тој остануваше на клупа па екипата некако се навикна да победува и да игра без него. Го подзаборави и јавноста. Затоа тој реши да замине и да прифати понуда на Наполи.

Се врати во живот кај Антонио Конте.

Во првиот дебитантски натпревар за Наполи тој даде гол против Сасуоло а блесна и во репрезентација на Белгија со три гола од кои еден од пенал.

Цела есен Де Брујне беше стартер за Наполи и во Белгија освен на дуелот со Џенова. Постигнуваше гол од пенал против Фиорентина, Милан и Велс а имаше две асистенции против Спортинг Лисабон.

Наполи во Лига на шампиони има 1 победа и 2 порази, но во првенство го дели првото место со Рома после осум кола.

По историскиот дебакл 6:2 во Ајндховен Конте сега се соочува со уште една непријатност иако го победија Интер убедливо со 3-1. Ќе мора да игра без најголемата ѕвезда.

ЛИСТА НА ПОВРЕДИ И ДЕНОВИ БЕЗ ФУДБАЛ НА ДЕ БРУЈНЕ:

Од 2018-та година Кевин бил отсутен повеќе од 448 дена!

Де Брујне имаше мака со лигаменти на колената, со бутните мускули, со задна ложа, со повреда на скочен зглоб, со коронавирус. Најмногу паузираше поради повреда на бицепс на бутниот мускул.

Во сезоната 2023/2024 Белгиецот доживеа четири повреди поради кои пропушти речиси цела пола година (150 дена) и беше стартер во Премиер лига на само 15 натпревари. Тогаш паузираше поради иста повреда како и сега.

Минатата сезона одигра само 4 натпревари од почеток за Манчестер Сити и поради повреда се врати во прв тим дури во 14-то коло на Премиер лига.

Минатата сезона имал и некои како што самиот велел, мистериозни повреди: „Нешто со нервите во долниот дел од стомакот. Кога и да шутирав по топката, имав многу силна болка во областа на гениталиите“, рекол Де Брујне.

Пеп Гвардиола во октомври 2024-та рекол: „Колата веќе не е таа-таа кога нешто на неа ќе смените. Веќе не е таа-таа како кога купувате нова кола“.

28 октомври 2025 - 11:31