Благодарение на слабите резултати на другите репрезентации и на резултатите од иминатите четири години, период за кој ФИФА го прави своето рангирање, фудбалската репрезентација на Македонија и без да одигра натпревар се врати помеѓу најдобрите 100.
Македонија сега е на 98-та позиција со 342 поени, пет помалку од Виетнам и еден повеќе од Гвајана.
Пред нас остануваат репрезентациите на Грузија, Оман, Бахреин и Уганда, но колку за утеха, само две места над нас е нашиот источен сосед Бугарија.
Зад нас ги оставивме Антигва и Барбуда, Северна Ирска, Малави, Екваторска Гвинеја, Зимбабве, Руанда, Мозамбик, Боцвана...
Сите конкуренти од квалификациската група А за Светското првенство 2014-та година имаат далеку подобар пласман од нашата репрезентација. Најдобар рејтинг има Хрватска на осмото место, следува Србија на 32-та, Велс на 41-та, Белгија е на 44-та и Шкотска на 48-та позиција.
На врвот на листата останува Шпанија пред Германија, Уругвај, Холандија и Португалија, а Бразил падна на 6-та позиција.