Македонија падна на дното

Фудбалската репрезентација на Македонија загуби на гостувањето во Кардиф против десеткуваниот Велс и падна на последната позиција во групата А од квалификациите за Светското првенство.

Се надевавме дека конечно ќе стигнеме до таа толку посакувана трета позиција во групата, но наместо тоа го допревме дното на квалификациската група на еден натпревар пред крајот на циклусот. Избраниците на Стратев го забележаа шестиот пораз по девет одиграни натпревари.

ВЕЛС - МАКЕДОНИЈА 1:0 (0:0)
Чрч 67'

Двете репрезентации одиграа отворено во првото полувреме и често им се закануваа на голманите. Велшаните креираа повеќе шанси, но нашите ја имаа најзрелата.

Во 28-та минута најголемата шанса ја имаше Новески кога одлично беше проигран од Пандев со долго додавање во шеснаесетникот по што дефанзивецот добро ја исконтролира топката, го заобиколи и голманот, но биеше високо над голот.

Со шутеви од далечина се заканија Пандев, Ивановски и Ибраими, а најдобрите шанси за Велси не ги искористија Чрч и Белами, па првиот дел заврши без голови.

По пет минути игра во второто полувреме домаќините несакајќи ќе дојдеа до водство. Воган непречено се проби по десната страна во шеснаесетникот и се обиде да нафрли, но топката ја погоди пречката од голот на Пачовски.

Слична ситуација се случи и во 62-та минута кога Џон нафрли од левата страна, а топката повторно ја погоди пречката.

Кон средината на второто полувреме Македонија имаше повеќе од поседот на топката, но нашите фудбалери не успеаа посериозно да се заканат кон голот, а Велшаните тоа го казнија.

Во 67-та минута домаќините одиграа одлична акција со која ја пробија нашата одбрана. Ремзи го проигра Белами по десната страна кој му асистираше на Сајмон Чрч пред голот на кого не му беше тешко да го совлада Пачовски.

Само пет минути подоцна Македонија имаше огормна шанса да израмни кога Ристовки го пронајде Пандев пред голот, а нашиот најдобар фудбалер со свртување се ослободи од неговиот чувар, но биеше директно во голманот Хенеси.

На седум минути пред крајот Новески го собори Ремзи во шеснаесетникот и судијата не се двоумеше при досудувањето на најстрогата казна. Но според златното, но непишано правило во фудбалот, фаулираниот фудбалер го изведе пеналот кој Пачовски без проблеми го одбрани.

Нашите тргнаа со сити сили во нападот, но во последните минути Пандев биеше преслабо, а Ранѓеловиќ покрај голот и резултатот остана непроменет.

До крајот на квалификацискиот циклус ни преостанува уште натпреварот во вторник на гостувањето во Србија.