Македонија има нов дијамант кој се презива Елмас

Потекнува од фудбалската школа Форца во Тафталиџе која ја води поранешната вардарова легенда, Јовче Џипунов, а сега е член на Работнички за кој дебитираше во прва лига на 16 години. Да не ви е позната приказнава?

Секој што ја следи кариерата на Елмас уште од почеток, сигурно знае дека тоа е патот по кој одеше Елиф, но судбината или коинциденцијата сакаше по идентичните стапки да чекори и Мухамед. Или па можеби советите.

Неговото цело име е Мухамед Елмас кој не случајно се презива како ѕвездата на Наполи. Први братучеди се, седум години се разлика, а помалиот за сега го следи патот на постариот.

Мухамед е роден во Скопје 2006-та година, а фудбалските стручњаци сметаат дека има голем потенцијал за блескава кариера.

Игра офанзивно во среден ред како братучед му, а викендов дебитираше во првата македонска лига со само 16 години и 28 дена, на мечот Скопје – Работнички 0:1.

Исто како Елиф, со таа разлика што рекордерот за малку им бега. Тоа е Дашмир Елези од Шкендија, кој со 16 години и еден ден е најмлад дебитант во македонска прволигашка конкуренција.

Мухамед Елмас настапува и за селекција на Македонија У-17 и се надеваме дека со добар развој и многу работа ќе го стигне нивото на братучед му.

Работнички извади многу таленти кои направија убави трансфери во странство и станаа стандардни репрезентативци.

Вакви деца се иднината за Македонија и да се надеваме дека ова ќе биде новиот дијамант кој ќе блесне.

2 март 2022 - 13:33