Луда Лига на шампиони која емотивно ги изремети навивачите

Да не им текнеше во 1955-та да го создадат ова натпреварување, сега ќе бевме многу покуси и посиромашни со фудбал. Ова што се случуваше сезонава не е нормално. Една недела си херој, другата лузер. Плус кој ја очекуваше баш оваа англиска битка во финале.

Сезоната 2018/2019 од ЛШ ќе остане запаметена и величана со епитети како луда, магична, неверојатна, незаборавна, неповторлива. Кога сфаќаш дека во финале нема никој меѓу водечките Реал, Барса, Баерн, Јуве, Сити, ПСЖ, Атлетико, тогаш јасно ти е може секој да изненади и ништо не може да се предвиди.

Ќе ве потсетиме дека во 2004-та во финале играа Порто и Монако, а сега ќе игра Тотенхем кој никој не го ставаше меѓу фаворитите. Секунди од финале го делеа и Ајакс кој нема да заборавиме што им направи на Реал и Јуве. Капа доле и за Ливерпул кој и покажа на Европа дека може да се биде финалист два пати во ред. Таму беше и во 2005-та и во 2007-ма.

Токму Ливерпул, како и Ајакс, Тотенхем, Манчестер Јунајтед и Јувентус со своите пресврти сезонава покажаа дека во фудбалот ништо не е невозможно. Ова беше сезона на луди пресврти кои ќе останат запечатени во историјата на ова волшебно натпреварување.

ЛИВЕРПУЛ ЈА ОСТАВИ БАРСЕЛОНА БЕЗ ФИНАЛЕ

Последниот доказ за тоа дека не постои “невозможно“ е Ливерпул. На Камп Ноу надиграни и попарени со резултат 3:0 кој изгледаше на недостижен за анулирање. На реваншот ги немаа Салах и Фирмино, ама покажаа дека фудбалот е сепак колективна игра која не секогаш зависи од поединци.

Чудото го направија двајца играчи од втор план, Џорџино Виландум и Дивок Ориги кои постигнаа по два гола и ја испратија Барса дома понижена.

Ова е вториот најголем кам бек во историјата на ЛШ, по оној на Барселона кој во осминафиналето во сезоната 2016/2017 по пораз 4:0 од ПСЖ, дома славеше 6:1. Последните три гола ги дадоа во 88-ма, 91-ва и 95-та.

АЈАКС МУ ЈА ПРЕКИНА СЕРИЈАТА НА РЕАЛ ОД ТРИ ПО РЕД

Изненадувањето број 1 оваа стигна од Ајакс кој уште на ждрепката за осминафиналето против Реал изгледаше дека нема шанси да помине. Дома загубија 1:2, ама потоа на Бернабеу му одржаа лекција по фудбал на европскиот првак кој го декласираа 4:1.

РОНАЛДО СЕ ВРАТИ ВО МАДРИД СО ХЕТ ТРИК

Третиот шпански тим кој попи шамар во нокаут фазата беше Атлетико Мадрид кој исто така се соочи со пресврт. Дома ја совлада Старата Дама 2:0, но петкратниот освојувач на Златната топка им покажа дека тоа не е доволно за да одат понатаму. Довчерашните градски ривали ги пречека во Торино со хет-трик и рушење на сонот да се борат за финале на својот стадион.

СОЛСКЈЕР СО ПОЛА ТИМ ГО УРНА ПСЖ

Отсуството на Погба, Матиќ, Ерера, Марсијал, Џонс, Лингард, Дармијан, Мата, Санчез и Валенсија на реванш осминафиналниот дуел против ПСЖ воопшто не влијаеше кај Манчестер Јунајтед. Лукаку им даде гол уште во 2 минута. Дома загубија 0:2, а на гости победија 1:3 и со пеналот на Рашфорд во 94-та го шокираа Париз.

И ПОРТО ИГРА ДО КРАЈ

Меѓу возбудливите и неизвесни натпревари до крај беше и осминафиналниот двобој меѓу Рома и Порто. 2:1 во Рим, па 2:1 за Порто и продолженија. Естадио До Драгаио експлодираше во 117 минута откако Алекс Телес изведе пенал вреден четвртфинале.

ПО РЕАЛ, АЈАКС ГО ШОКИРАШЕ И ЈУВЕ

Максимумот на овој млад и извонреден состав на Ерик тен Хаг не беше четвртфиналето, а тоа го докажаа откако го елиминираа големиот Јуве кој со Роналдо одеше на трофејот. Во Амстердам заврши 1:1, но главната битка се водеше во Торино каде Холанѓаните заслужено прославија голема победа од 1:2. Прво полуфинале после 22 години. Италијанците го сонуваа голот со глава на Де Лихт.

НЕЗАБОРАВНАТА АНГЛИСКА ПРЕСМЕТКА

Интензитетот на лудориите во четвртфинале паралелно со Ајакс го држеше и Тотенхем. Дома го совлада Сити со 1:0, но на реваншот секој втор напад беше гол. Само првите 20 минути од мечот донесоа 5 гола, а мечот го реши Љоренте во 73-та за конечни 4:3.

Пеп Гвардиола тврдеше дека голот е со рака и треба да се поништи, но по ВАР снимката судијата процени дека голот не е постигнат со рака. Во судиското продолжение имаше нов циркуз. Стерлинг даде гол, стадионот се преврти наопаку, но му го поништија со ВАР.

АМСТЕРДАМ КАКО КАПАКОТ НА СЕЗОНАТА

И за крај, она што го видовме, а возбудливо го доживеавме и како неутрални навивачи. Ајакс држеше лекции по фудбал цела сезона, го победи Тотенхем на гости 0:1, дома го водеше на полувреме 2:0, но на секунди или стотинки до крај беше елиминиран.

Ова беа главните точки за издвојување, иако може да се споменат уште неколку шокантни или неочекувани резултати од групна фаза:



- Ливерпул го совлада ПСЖ 3:2 со гол во последна минута
- Лион го урна Сити на гости 1:2
- Борусија го прегази Атлетико 4:0, што е чудно со оглед на тоа што ја имаат една од најсилните одбрани во Европа.
- Хофенхајм и Лион одигра 3:3 со гол во финишот.
- Мурињо им викаше “потивко“ на навивачите на Јуве на гости каде со Јунајтед славеше 1:2.
- Европскиот првак дома доби руски шамар од ЦСКА која ги победи 0:3.
- Ајакс и Баерн одиграа 3:3 со два црвени картони и два гола во продолженија.
- Интер во последно коло дома одигра 1:1 со ПСВ и со тоа сам си пресуди да не оди во нокаут фаза. Со ист број бодови мина финалистот Тотенхем кој исто така ремизираше, ама на Камп Ноу.
- Да не го заборавиме и извонредниот Меси кој сезоната ја заврши како стрелец број 1 со 12 гола.

Едвај чекаме да видиме што ќе ни приредат Ливерпул и Тотенхем на 1 јуни.

9 мај 2019 - 14:40