Го повлекува ли Ливерпул бројот 20?

Бројот 20 стана симбол за Диого Жота во Ливерпул: тој дојде на „Енфилд Роуд“ во 2020, играше со број 20 на дресот и неодамна му помогна на клубот да ја освои 20-та титула која бурно ја славеше со соиграчите и навивачите.

Ливерпул објави текст во знак на сеќавање на Жота кој многумина го сфатија како евентуална најава за повлекување на бројот на Португалецот од оптек.

Во соопштението не е конкретно формулирано и во него нема потврда за повлекување на бројот од употреба. Клубот кажа дека бројот 20 ќе биде immortalised - овековечен, бесмртен.

Едно е сигурно - во најблиско време никој во Ливерпул нема да ја земе 20-та.

Вирџил ван Дајк во прошталната објава за другарот и соиграч Жота го изрази тоа што го чувствува секој навивач на Ливерпул: „Шампион засекогаш, број 20 засекогаш. Ние никогаш нема да те заборавиме. Твоето наследство ќе живее, ние ќе се грижиме за него“.

ПОВЛЕКУВАЊЕ БРОЕВИ ВО ФУДБАЛ НЕ Е РЕДОВНА ПРАКСА КАКО ВО НБА

Традицијата за повлекување број за легендите на клубовите по крајот на нивната кариера во фудбалот не е толку распространета како во кошарката. Пример Баерн Минхен минатата година соопшти дека го повлекува бројот 5 од употреба во знак на почит кон нивната најголема клупска легенда Франц Бекенбауер.

Вест Хем така го повлече бројот на Боби Мур а унгарски Хонвед на легендарниот Ференц Пушкаш.

Броеви на фудбалери се повлекуваа и по изненадна смрт на играчите како: Давиде Астори (Фиорентина), Марк-Вивиен Фое (Ленс и Манчестер Сити), Џејсон Мајеле (Кјево), Сергеј Перхун (ЦСКА Москва), а Нант ја повлече дури и 9-та на Емилијано Сала.

КОЈ ИГРАЛ БРОЈ 20 ВО ЛИВЕРПУЛ?

До Диого Жота 20-ка носеше Адам Лалана кој одигра 178 натпревари и помогна да се освои Лига на шампиони и шампионска титула во Премиер лига.

Од 2007 до 2010 црвениот дрес со број 20 му припаѓаше на Хавиер Маскерано. Во '90-те години од 1992 до 2000-ти 20-ка во Ливерпул бил норвешкиот лев бек Стиг-Инге Бјорнебе.

Сега 20 е во вечноста со Диого Жота...

4 јули 2025 - 11:53