
ФРАНЦУЗИТЕ ПОТКЛЕКНАА НА „ПОЉУД“
Ова што го прави хрватската репрезентација е навистина за документарен филм. Секогаш кога некој ќе помисли дека ветераните веќе одамна го достигнаа врвот и дека ќе следува смена на генерација, тие одново и одново го покажуваат спротивното: дека уште се светска фудбалска велесила.
Хрватска синоќа глатко со 2-0 ја совлада Франција чиј состав е составен од страшни ѕвездени фудбалери.
И плус Хрватите имаа промашен пенал уште во 5-та минута кога топката го удри Ибраима Конате во рака а главниот судија Еспен Ескоз досуди пенал. Голманот на Милан Мајк Мењон му го одбрани со нога пеналот на Андреј Крамариќ.
Но тоа не ги деморализираше Хрватите кои во 26-та минута го отворија резултатот 1-0 преку Анте Будимир, на асистенција на 36-годишниот Иван Перишиќ. И тука Мењон интервенираше добро но после одбиена топка Будимир го матираше.
Пред крајот од првиот дел токму Перишиќ кој на свои 26 години игра во животна форма, постигна прекрасен гол за високи 2-0. 21-ви погодок на 36 меча сезонава за фудбалерот на ПСВ Ајндховен.
Хрватска и прекина мини непобедлива серија на Франција. Французите до синоќа вечер немаа изгубено пет натпревари по ред. Последниот пораз го имаа на 6-ти септември лани кога од Италија изгубија во прво коло од Лига на Нации дома 1:3.
ШПАНЦИТЕ ЈА СОЧУВАА НЕПОБЕДЛИВОСТА ВО ПОСЛЕДНИ СЕКУНДИ СО ХОЛАНДИЈА
Холандија и Шпанија во Ротердам одиграа уште едно големо дерби од многуте мегдани синоќа. Мечот заврши нерешено 2:2.
Шпанците брзо поведоа преку ѕвездата на Атлетик Билбао Нико Вилијамс. Холанѓаните возвратија прво преку Коди Гакпо во 28-ма минута и во првите моменти од стартот на вториот дел преку Тејани Рејндерс од Милан кој донесе пресврт 2-1 на асистенција на Џереми Фимпонг.
Во 81-ва минута Јорел Хато жестоко стартуваше над Робен Ле Норман и доби директен црвен картон па Холанѓаните со играч помалку чуваа водство. Црвената Фурија не би била тоа што е, европски првак да не знае да искористи играчка предност на теренот. Шпанците во последните моменти од мечот постигнаа гол преку Микел Мерино, фудбалерот на Арсенал кој на Европско првенство го даде решавачкиот гол против домаќинот Германија.
Синоќа кај Шпанија се повреди младиот 18-годишен стопер Пау Кубарси од Барселона кој во 41-ва минута го напушти теренот а на негово место влезе дебитатнтот Дин Хејсен од англиски Борнмут. Хејсен со свои 19 години важи за еден од најперспективните стопери во Европа.
Шпанија со овие 2-2 ја сочува серијата без пораз која им датира од март 2024-та: 14 победи и 3 нерешени.
КИМИХ СО ДВЕ АСИСТЕНЦИИ И ДОНЕСЕ ГОЛЕМА ПОБЕДА НА ГЕРМАНИЈА ВО ИТАЛИЈА
Германците после пресврт славеа 1-2 пред преполн „Сан Сиро“ во Милано. Италијанците први поведоа преку Сандро Тонали уште во 9-та минута. Во 49-та израмни нововлезениот резервен центарфор Тим Клаиндист а во 76-та минута Леон Горецка донесе голем триумф 1-2 после уште една асистенција, овојпат од корнер на Јозуа Кимих.
Ова беше прв настап за Горецка за Германија после година ипол и го прослави со гол.
Интересно, од дебито на Кимих за Германија во 2016-та година, Германците постигнале 27 гола од корнер а дури 13 од нив (48%) се по асистенција на Кимих. Центрира идеално фудбалерот на Баерн Минхен.
ЕРИКСЕН ПРОМАШИ ПЕНАЛ, ДАНСКА НА КРАЈ ЈА ПОБЕДИ ПОРТУГАЛИЈА НА РОНАЛДО
Данците ја совладаа Португалија 1:0 на првиот натпревар пред реваншот во недела. Данска на средина од првиот дел доби пенал кога младиот стопер на Португалија Ренато Веига одигра со рака во својот шеснаесетник по ударот на Кристијан Ериксен. Токму фудбалерот на Манчестер Јунајтед го изведе пеналот но Диого Кошта му го одбрани.
Кошта е специјалист за пенали затоа што во кариерата одбранил 12 од 33.
Данска конечно стигна до водство во 78-ма минута кога нововлезениот резервист Расмус Хејлунд постигна гол за победа 1-0.
Кристијано Роналдо и на 40 години и натаму е во репрезентацијата. А откако наполни 40 години има 10 гола за Португалија. Но синоќа не се запиша во листата на стрелци. Меѓу највозрасните стрелци на голови за своите репрезентации се Англичанецот Стенли Метјуз кој имал погодок на 41 година и 248 дена и Камерунецот Роже Мила (42 години и 39 дена). Официјално највозрасен репрезентативец што дал гол е Кејтроја Корнелиус од Вирџински острови кој на свои 43 години и 196 дена прославил гол за својата земја.