Лео 700

Љубителите на фудбалот мора да бидат благодарни и среќни што живеат во ера на еден од најголемите фудбалери во историјата. Меси синоќа го постигна својот 700-ти гол во својата кариера (клупска и репрезентативна).

Самиот Меси сигурно не бил задоволен од вечерта во која го постигна јубилејниот 700-ти гол во својата богата кариера, зошто Барса ремизираше 2:2 со Атлетико Мадрид и Реал со евентуална победа може да им избега 4 бода на табелата.

Барса и Атлетико синоќа пружија шоу: автогол на Коста и четири пенали од кои еден беше поништен поради неправилното излегување на Тер Штеген.

Но главно сиже на вечерта беше 700-от гол на еден од најголемите фудбалери на сите времиња. Интересно меѓу неговиот 699-ти и 700-ти поминаа две недели и три меча. И двата ги даде од пенал: и против Леганес и синоќа кога со паненка го фрли Облак во страна:

Откако прослави, Меси погледна кон камерата, намигна и крена палец.

Ова беше 630-ти гол на Лионел за Барселона, а за Аргентина има 70 постигнати погодоци.

Првиот гол во професионалната кариера Меси го постигна на 1 мај 2005-та година против Албасете (Франк Рајкард го пушти во игра во 87' минута место Самуел Ето, а 60 секунди подоцна Меси на асистенција на Роналдињо го даде историскиот дебитантски гол кој ќе се памети), подоцна ги даде: 100-от против Динамо Киев, 200-от против Реал Мадрид, 300-от против Рајо Ваљекано, 400-от против Гранада, 500-от против Валенсија а 600-от и 700-от против Атлетико Мадрид.

Дури 582 гола Меси постигнал со лева нога, 92 со десна, 24 со глава, 1 со гради и 1 со рака во 2007-ма против Еспањол. Досега во кариерата има 440 гола во Ла Лига, 53 во Копа дел Реј, 114 во Лига на шампиони, 14 во Супер Куп на Шпанија, 3 во Суперкуп на Европа и 5 на Светско клупско првенство.

Во моментов само двајца активни фудбалери во светот имаат постигнато по 700 или повеќе гола во сениорски фудбал. Општо е познато и кои се.  Аргентинецот во просек постигнува по 46,6 гола по сезона, а најдобра во кариерата му беше 2011/2012 кога постигна страшни 82 гола во сите натпреварувања.

Меѓу другите куриозитети, интересна е и онаа дека надвор од Шпанија, на Меси најомилен противници му се Милан и Арсенал (8 гола има против росонерите, 9 против топџиите). Интер, пак, е еден од ретките клубови против кои Меси никогаш не дал гол (4 пати играл против нераѕурите).

АРГЕНТИНА

На 138 натпревари за својата земја, Меси постигна точно 70 гола досега. Тој е прв стрелец во историјата на Аргентина, пред Батистута (54), Агуеро (42), Креспо (35) и Марадона (34).

Од овие 70 погодоци, 6 дал на Светско првенство, 9 на Копа Америка, 21 во квалификациите за Мундијал, 34 на пријателски. За Аргентина 64 „комада“ има со лева нога (15 од пенал и 6 од слободен удар), 4 со десна и 2 со глава.

Што се однесува до ривалите во дресот на репрезентација најмногу гола (5) има против Бразил, Уругвај и Парагвај. Со 4 примени од Меси следат Еквадор и Венецуела, а 3 пати топката од мрежа по голови на Меси ја ваделе Гватемала, Хаити, Панама, Швајцарија, Нигерија, Мексико, Боливија, Чиле и Колумбија.

СТРАНСТВО

Надвор од Шпанија Меси има 9 гола против Арсенал, 8 против Милан и Селтик, 7 против Баер Леверкузен, 6 против Ајакс и Манчестер Сити, 5 со Лион, а 4 против ПСВ, Спартак Москва, Панатинаикос, Баерн Минхен, Манчестер Јунајтед и ПСЖ. А во Шпанија омилен „муштерија“ му е Севиља која примила дури 37 гола од Меси. Втор е Атлетико Мадрид со 32 примени погодоци од Аргентинецот. Валенсија (28), Реал Мадрид (26), Еспањол (25), Атлетик Билбао (24), Осасуна и Бетис (23), Леванте (22), Еибар и Депортиво (20 гола примени од Меси).

ПРОТИВ КОГО НЕМА ДАДЕНО ГОЛ?

Има сепак и тимови кои успеаа да се спасат од налетите не Лео. Интер е една од оние екипи против кои Меси најмногу играл (4 средби) а не дал ниту еден гол. Исто е и со Рубин Казан кој ја сочува мрежата од него во Лига на шампиони 4 пати.

Нема гол ни против Наполи (за неколку недели ги чека реванш во Лига на шампиони најверојатно на „Камп Ноу“) и Удинезе (по 1 меч).

Нема гол ни против Катар, Холандија, Бенфика, Херез (2 меча), Ал Сад, Кадиз, Мурсија, Граменет, Ангола, Саудиска Арабија, Австралија, Белгија, Јужна Кореа, Костарика, Грција, Хондурас, Унгарија, Исланд, Јамајка, Јапонија, Ирска, Норвешка, Романија, Русија, Шведска и Тринидад и Тобаго.

1 јули 2020 - 12:00