Некогашниот стопер на Ливерпул, Даниел Агер ја заврши кариерата на 31 година, идеални години за стопер би рекле многумина.
Но Данецот не можел ниту физички ниту емотивно да биде на потребното ниво да игра врвен фудбал (пуштете го Клаудио Пизаро кој на 40 години трча за Вердер Бремен).
Башка што Агер се изнамачи со повредите и проблемите со грбот - тој призна дека пиел по две-три таблети против болки пред натпреварите и веќе не можел да го издржи страшниот напор.
Од денешна перспектива е задоволен затоа што во кариерата освои англиски Лига Куп, Супер Куп на Англија, стана шампион на Данска и го освои Купот на оваа земја со Брондби.
Откако во матичниот Брондби ја заврши кариерата, Дани Агер решил да посвети поголемо внимание на својата најголема страст - тетоважите.
Уште во време на Ливерпул, овој стопер им цртал тетоважи на соиграчите.
Неговиот грб е целосно исцртан со разни тетоважи. Секој елемент претставува посебна историја, но сите заедно изгледаат како уметничка слика.
На грбот Агер го има истетовирано ликот на Огер Данецот, еден од хероите во француските епови и легенди, соборец од Данска на Карло Велики. Покрај него, Агер има исцртано и могили на легендарни дански кралеви, националното знаме, латински поговорки и имињата на членовите на неговото семејство.
Според неговите зборови, секоја тетоважа има своја историја. На пример, скратеницата YNWA која што ја означува химната на навивачите на Ливерпул - You''ll Never Walk Alone ја нацртал во моментот кога се појавиле гласини за негово можно заминување од клубот.
На тој начин данскиот репрезентативец тогаш ја покажал својата верност кон клубот и ги смирил навивачите.
По крајот на кариерата, Агер станал тату-мајстор и по некое време инвестирал во Tattoodo - социјална платформа за љубителите на тетоважи.
Во 2013 Агер основал фирма за чистење на канализации која што ја нарекол KloAgger. Оваа компанија работи на територија на Данска. Со KloAgger управува самиот Даниел Агер, заедно со помладиот брат Марко и нивниот пријател Руне Расмусен.
***
Во 2017 година го основал фондот "The Agger foundation" кој има за цел и мисија да им помага на луѓето во тешки животни ситуации и на социјалните случаи. Оваа организација редовно спроведува акции во кои учествуваат разни спортисти. На пример скоро на аукција ќе бидат ставени копачките на еден од најдобрите фудбалери во Премиер лигата, Рахим Стерлинг од Манчестер Сити кој во минатото играше за Ливерпул.