Интернационалниот фудбалски борд (ИФАБ) даде дозвола за користење на системите „око соколово" и „гол-реф" на фудбалските терени.
Технологијата „око соколово" веќе се користи во тенисот и крикетот и таа е базирана на снимки од повеќе камери, а „гол-реф" користи магнетно поле и специјална топка за разрешување на спорните ситуации за тоа дали топката ја поминала гол линијата или не.
Пред почетокот на Светското првенство во Јужна Африка, претседателот на ФИФА, Сеп Блатер беше еден од главните противници на воведувањето на видео технологијата во фудбалот. Тој тврдеше дека оваа промена може да ја загрози спонтаноста и шармот на играта.
Но, по поништениот гол на Френк Лампард на натпреварот помеѓу Англија и Германија, Блатер го промени своето мислење. Тој наеднаш стана еден од главните поборници за воведување на видео технологијата во фудбалот.
„На мене како претседател на ФИФА, уште во 2010-та година ми стана јасно дека мораме да направиме промени. Морам да кажам „Ти благодарам Лампард". Бев во очај кога го видов неговиот поништен гол против Германија", изјави Блатер.
Новата технологија за прв пат ќе се користи на Светското клупско првенство кое ќе се одржи во Јапонија во декември. Потоа ќе се примени и следната година на Купот на Конфедерациите и на Светското првенство во Бразил 2014-та година.
Сеп Блатер појасни дека новата технологија ќе се користи само за да се проверува регуларноста на головите и нема да се применува за други спорни ситуации како офсајди, фаули и симулирања.