По пауза од три сезони, Реал Мадрид ја прекина доминацијата на Барселона и повторно се врати на врвот на Шпанија. На две кола пред крајот, Реал Мадрид и математички ја обезбеди 32-та титула во својата историја со победата од 0:3 на гостувањето кај Атлетик Билбао.
Кристијано Роналдо најверојатно се уште има кошмари од промашениот пенал на полуфиналето од Лигата на шампиони против Баерн Минхен, па вечерва голманот на Атлетик Билбао му одбрани уште еден удар од белата точка во 12-та минута.
Четири минути подоцна Гонзало Игуаин го доведе Реал во водство, а во 20-та минута Месут Озил зголеми на 0:2 и го најави големото славје.
Кристијано Роналдо во 51-та минута со удар со глава го постигна својот 44-ти погодок со кој ја потврди титулата.