Хрватски Индекс се повикува на приштинските медиуми кои во текот на денешниот ден пренесоа дека на репрезентацијата на Косово ѝ се заканува исфрлање од 1 до 5 години од сите натпреварувања под закрила на УЕФА и ФИФА.
Ова доаѓа поради обидот за смена на претседателот на Фудбалскиот сојуз на Косово Агим Адеми и вмешувањето на политиката во спортот.
Оваа вест одекна во нашава земја и поради фактот што токму Косово ни е противник во полуфиналето на Лига на нации, па доколку Косоварите бидат суспендирани на неколку години, ние би можеле, во зависност од одлуката на УЕФА и ФИФА, или директно да влеземе во финале каде ќе го чекаме противникот од дуелот Белорусија - Грузија или пак на местото од Косово да се најде селекцијата која имаше послаб пласман од четирите горенаведени репрезентции.
ФИФА и УЕФА во своите статути забрануваат какво било мешање на политика во спорт, а доказ за тоа беше суспензијата која што ја доби Нигерија, односно нивната фудбалска федерација која што во 2014 година беше казнета и не можеше да учествува во меѓународните натпреварувања поради мешање на владата во фудбалската федерација.
Во 2013 слична казна доби и фудбалската федерација на Камерун.