Жолтеникава светлина зрачи од празните дрвени клупи кои се наместени зад еден од головите, на северната трибина од Estadio Nacional. Секаде околу тој простор имаше заглушувачка бука која ја правеа 47.000 навивачи кои урлаа и скокаа додека репрезентацијата на Чиле играше против Еквадор на отворањето на Копа Америка минатата недела.
Но никој не седеше на дрвените клупи. Тие се резервирани за вечноста, како сеќавање на илјадници луѓе кои страдаа пред 42 години во домот на чилеанскиот фудбал. Естадио Национал, кој е место на кое ќе се одиграат шест натпревари од годинешнава Копа Америка, заклучно со финалето на 4. јули можеби е најнепопуларната спортска арена во светот.
Откако на 11. септември 1973. година насилно го тргнаа првиот марксистички претседател на Чиле Салвадор Аљенде (истиот ден се самоуби), полицијата предводена од Генерал Августо Пиноче цели два месеци на стадионот Национал држела во затвор повеќе од 20.000 луѓе, кои прописно се напатиле од милитарната хунта која ја превзела контролата врз земјата. Пиноче формирал и тајна полиција која набрзо се инфилтрирала во сите пори на чиланското друштво со задача да ги фати и затвори сите приврзаници на Аљенде.
„Стадионот стана синоним на суровоста на режимот на Пиноче. Нема зборови со кои може да се опише тоа што ни го правеа. Сега таму се игра фудбал и луѓето се забавуваат", вели Рене Кастро, еден од поранешните затвореници на стадионот кој најдолго бил таму.
Официјално 41 човек бил убиен во затворот на стадионот Национал. Никогаш не се дознал точниот број на затвореници во местото кое цели 8 недели се користело како брутален затвор.
Полицијата ги апсела и ги затворала сите активисти и приврзаници на поранешниот претседател Салвадор Аљенде и ги носела на стадионот кој бил изграден во 1938. година. Националниот стадион бил домаќин и на мечевите од СП 1962, кога Бразил со 3-1 ја совлада Чехословачка.
На 9. ноември 1973. година владата на Пиноче го затвора затворот, затоа што истиот месец Чиле се подготвувал за дуел од квалификациите за СП против СССР. Двете селекции во Москва одиграа 0-0, а реваншот требал да се игра на Естадио Национал, но Советите се жалеле во ФИФА дека стадионот бил место на крв и убиства и не сакале да играат таму.
ФИФА пратила делегација да ги испита сомнежите, а полицијата на Пиноче ги заклучила затворениците во соблекувалните, во подтрибинскиот простор и им наредила да молчат за никој да не ги види.
„Сакавме да излеземе и да викнеме, Еј тука сме, погледнете нè. Но тие беа заинтересирани само за квалитетот на теренот", вели Фелипе Агуеро, еден од луѓето кој цел месец бил во затворот.
ФИФА одлучи дека натпреварот може да се одигра, но Советите бојкотирале по што се случил преседан. Фудбалерите на Чиле морале да излезат на теренот 19 секунди и апсурдно да дадат гол без противник на теренот. Со тоа го осигурале местото на СП 1974. година.
„Тоа беше одличен пример за целата фарса. Се сеќавам дека ние затворениците го видовме тој момент и паметиме што се случуваше", вели Роберто Наварет, кој во затворот бил како 18-годишен студент по медицина и член на алијансата на Салвадор Аљенде.
Чиле и натаму се сеќава на страшниот затвор, на кој освен дрвените клупи, сеќавањето го чуваат и два споменици. Преживеаните од затворот бараат од владата повеќе спомен обележја за настраданите. Фудбалската селекција на Чиле веќе одигра 2 меча на Копа Америка, победи против Еквадор 2-0 и ремизираше со Мексико 3-3.