Фелипе Андерсон му даде гол со пета на Манчестер Јунајтед, сам го победи Барнли и има 5+1 учинок на последните осум натпревари (пет гола и една асистенција).
Просто е неверојатно ова што се случува со Бразилецот периодов, особено ако се знае дека уште од време на Лацио имаше тешки проблеми со адаптација на нова средина.
Во Италија Фелипе пропушти многу шанси да го покаже својот раскошен талент и после секој блесок брзо со проблематичниот карактер се враќаше назад на нула. Неговиот чуден карактер ги бунел и соиграчите во Лацио. Но, Фелипе е млад играч и Европа уште не слушнала гласно за него.
****
Во првите два месеци во Италија каде дојде директно од Бразил, тој сфатил дека е дудук за јазици. Во рестораните го кажувал само единствениот збор што го знаел добро: „Карбонара“.
Во тоа време тренер на Лацио беше Еди Реја кој не знаел зошто Бразилецот се кочи на натпреварите: „На тренинзи Фелипе прави неверојатни работи, но се губи кога играме натпревар. Му недостига спокој и подобра физичка снага за да стане шампион.“
После секој тренинг тој се криел во својот кварт и плачел за татко му.
Во Лацио дојде за 8 милиони евра колку што стиснатиот претседател Клаудио Лотито му платил на Сантос, но Фелипе заигра дури во втората полусезона и постепено растеше. Во сезоната 2014/2015 за имал 6 гола и 4 асистенции на 5 меча и Рим полека му легнал на карактерот.
****
Сериозни проблеми преживеал по трагедијата која се случила на 12 јануари 2015 година кога двајца мажи се скарале за жена и почнале да се бркаат по улиците на градот Санта Марија.
Во хаотичната бркотница во која татко му на Фелипе Андерсон бил со кола, а другиот човек на мотор, при една кривина возачот на колата удрил во една куќа, го урнал ѕидот и притоа го собрал и мотоциклистот. Загинала жена која спиела во куќата и мотоциклистот за што татко му на Фелипе Андерсон (Себастијао Томе Гомез) завршил во полиција па на суд каде го осудиле на повеќегодишна затворска казна.
Фелипе тешко го преживеал овој настан далеку од дома и решил да се врати во Бразил среде сезона. Во меѓувреме постигна гол против Интер и го посвети на татко му.
Андерсон брзо заборавил и на фудбал и на Лацио и на повреди и на навивачи и заминал за Бразил. Семејството му помогнало да се крене и да продолжи да игра фудбал.
Токму татко му му ја всадил љубовта за фудбалот а мајка му била многу религиозна. Затоа Фелипе често ги празнува головите со рацете кренати кон небото како благодарност кон Бога, слична прослава како Бразилецот Кака на времето.
Фелипе ги истетовирал на рацете сите иницијали на членовите на неговото семејство а на градите зборот „благодарност“. Тој му благодари на семејството што го оживеало после тој јануари 2015 кога татко му бил уапсен и затворен. Брзо сфатил дека ќе мора да се справува сам и се вратил во Рим.
****
Но последиците од преживеаниот шок биле видливи.
Младиот Бразилец, кој уште на времето се расправал со тренерот Рамаљо во Сантос каде ја доби легендарната 10-ка на Пеле, жестоко се карал и со некои соиграчи и тренерот на Лацио Симоне Инзаги.
Еднаш дури и дошле до тепачка со Инзаги кога Лукас Леива застанал меѓу нив и ги разделил. Фелипе Андерсон не се поднесувал со Кеита Балде кој исто беше проблематичен во време кога играше за Лацио. И просто неизбежно беше Фелипе да не се скара и со Клаудио Лотито кој одбиваше астрономски понуди за него и не го пушташе да си оди.
Кулминација беше кога Лацио не го пушташе на Олимпијадата 2016 во Рио каде Бразил ја освои титулата.
ЛОНДОН - СЛЕДНА ДЕСТИНАЦИЈА
Ако во Рим кој е делумно поблизок до неговиот менталитет, начин на живот од Бразил и говор, не можел да се адаптира, што да се каже за врнежливиот Остров?
Лацио за него доби околу 35 милиони евра и заработи неверојатно повеќе отколку што вложи. Но оваа сума значеше дека Бразилецот ќе мора брзо да ги оправда средствата вложени во него.
Фелипе Андерсон долго време беше голема желба на чилеанскиот тренер на Вест Хем, Мануел Пелегрини. Уште кога овој беше тренер на Сити, сакаше да го доведе Бразилецот и сега конечно успеа. Маестралниот техничар и во Англија бараше време да се прилагоди па навивачите некако и го толерираа неговиот лежерен однос и влечење по теренот.
Набрзо тренерот Пелегрини го ставил високо на левото крило како крилен напаѓач каде Фелипе игра фантастично во последно време. Му ја најдоа позицијата која во Вест Хем ја играше само Димитри Паје.
Незгодниот Андерсон во моментов е вториот играч на Вест Хем по бројот на асистенции, лидер е по точни додавања, дриблинзи и изнудени фаули. Стана клучен играч на тимот и ги одигра сите 18 натпревари досега (единствен од сите фудбалери во составот).
Не така чудно за човек кој не знае да бекне странски јазик и тешко се прилагодува на нова средина, но затоа со топката знае да прави чуда. „Фелипе Андерсон е идеален асистент. Тој знае кога и како да даде пас. На средина тој знае баш се“, рекол еднаш Нејмар кој е близок другар со Фелипе уште од времето кога играле во Сантос и кога се дружеле со PlayStation и Xbox.
Повремениот бразилски репрезентативец Фелипе Андерсон има 25 години и е во период од кариерата кога треба најмногу да покаже. Дали ќе стане уште еден вообичаен бразилски магионичар или ќе остане запаметен од „чеканите“, ќе покаже времето.