Потеклото на ова не баш популарно, но традиционално натпреварување кое се игра веќе 116 години, датира од периодот помеѓу 1898 и 1905 година кога го носело името Шериф оф Лондон Шерити Шилд.
Од 1908 година победникот на тогашната прва дивизија (сегашна Премиер лига) и освојувачот на ФА купот (како најстаро фудбалско натпреварување) се бореле за преименуваниот Черити Шилд.
Првиот го одиграле Манчестер Јунајтед и Квинс Парк Ренџерс, а откако мечот завршил 1:1, на реваншот Јунајтед славел убедливо со 4 :0. Куриозитетот е тоа што ова е единствената пресметка која се повторила во она натпреварување.
Да се освои пехарот не е некој голем престиж,. Многу поважна е причината за одигрувањето која уште од тоа време е исклучително хуманитарна.
Средствата обезбедени од влезници и спонзорства, ќе бидат наменети за центрите за грижа на социјални случаи.
И покрај тоа што многумина го сметаат за ревијален, овој натпревар досега покажал дека знае да ја одреди судбината на освојувачот.
Победникот на Комјунити, седум пати станувал и шампион во истата сезона. Дури девет пати тимот што ќе го кренел трофејот во овој натпревар, на крајот од сезоната бил второпласиран, а два пати третопласиран.
Прецизните англичани пресметале дека клубот што ќе го освои Комјунити Шилд, ќе има успешна берба во сезоната. Тука се споменува и Фергусон, кој од вкупно 38 трофеи со Манчестер Јунајтед, дури 10 му се во Комјунити Шилд.
Токму „црвените ѓаволи“ со 20 победи се први по бројот на пехари од овој натпревар. Следат Ливерпул со 15 и Арсенал со 12 трофеи.
Минатата година, во Комјунити Шилд натпреварот славеше Манчестер Јунајтед, а тоа беше единствен трофеј на кутриот Дејвид Мојес како тренер на тимот од Олд Трафорд.
Во недела на „Вембли“ во Лондон, за првиот трофеј во сезоната ќе се борат Манчестер Сити и Арсенал, а тоа ќе биде и прилика публиката да се запознае со новите засилувања во своите клубови.
Викендов во Англија започнува и сезоната во Чемпионшип, Лига 1, Лига 2 и конференциите, а завесата на главниот чин ќе се крене идниот викенд кога првите актери ќе бидат фудбалерите на Манчестер Јунајтед и Свонси.