Членовите на навивачката група Комити нагласија дека тие немаат своја верзија за настанот, туку вистинит тек на случувањата на стадионот под Тумбе Кафе и го обвинија МВР за манипулација и бегање од одговорноста.
„Постои огромна разлика во инсертите кои ги прикажа МВР и снимките кои можат да се најдат во медиумите. Силно се сомневаме дека видеото постирано од МВР, а снимено од две камери на Министерството е монтирано за да се префрли вината на нашите членови со цел да се отргне фокусот од аматеризмот и непрофесионалноста на полициските службеници поставени на нашата трибина.“
„Како и многу пати досега нашите членови ќе бидат прогонувани, против нив ќе бидат поднесени кривични пријави како што е веќе најавено и ќе бидат ставени на столбот на срамот. Затоа во текот на вчерашниот ден МВР излезе со штура информација, без никакви детали и со видео запис на кој не се гледа ама баш ништо“, изјави еден од членовите на Комити.
Тие и се обратија на полицијата со неколку прашања околу нивното дејствување во Битола, меѓу кои: Кој ја издал наредбата да бидат опремени со шок бомби со разорна моќ и зошто им било скратено правото да не го догледаат мечот до крај?
Потоа покажаа и слики и истакнаа дека полициските специјалци непотребно и нечовечно ги користеле палките врз нив.
Секторот за внатрешна контрола денеска ја комплетираше истрагата околу инцидентите, а полицискиот службеник изјавил дека забележал дека му ја нема бомбата која ја имал закачено на горниот дел од панцирот од десната страна, но не можел да прецизира дека му испаднала или некој од навивачите му ја извадил.
Министерството за внатрешни работи поднесе кривична пријава против еден навивач од Скопје и еден од Битола поради сомневање за напад на службено лице при вршење работи на безбедноста, а кривична за предизвикување општа опасност ќе има и за повредениот комита кој загуби два прста при експлозијата на шок бомбата.
Тој доби поддршка и од навивачите на Шалке кои се збратимени со Комитите, а го поздравија преку фб со стара слика од 2010 година кога “Турчин“ си ја скрши раката.