
СРБИЈА ЗА МАЛКУ ОД ИГРАЧКА ПЛАЧКА, ПОРТУГАЛИЈА 10/10
Репрезентацијата на Србија пред почетокот на квалификациите важеше за голем фаворит во група со Унгарија, Бугарија, Црна Гора и Литванија. Но после неколку топло-ладно настапи, Србите сами си ја закомпликуваа ситуацијата во групата.
На крај во последно коло Србија на новиот стадион во Лесковац ја пречека Бугарија која одамна ги загуби шансите за пласман. Во исто време играа и Унгарија и Црна Гора. На Црногорците за историски прв пласман на Европско им требаше победа во Будимпешта и пораз на Србија.
Србите поведоа уште во 17’ минута со голот на Милош Вељковиќ, но после неколку промашени шанси за втор гол ги стигна казна. Бугарија играше ослободена од каков било психолошки притисок и даде два брзи гола преку Георги Русев и Кирил Десподов (капитен, игра во ПАОК).
Црна Гора прва поведе во Унгарија и водеше до 66’ минута па на Србија не и беше баш пријатно се до моментот кога Унгарците израмнија.
На крајот 2-2 во Лесковац со гол во финишот на стоперот Срѓан Бабиќ во 82’ минута и 3-1 во Будимпешта победа на Унгарците. Србија се пласираше на Европско првенство за првпат после цели 24 години и сега врзува две Светски првенства по ред и едно Евро.
ЛУКАКУ ЈА ПРОДОЛЖИ НЕВЕРОЈАТНАТА ГОЛГЕТЕРСКА СЕРИЈА
Во групата Ф репрезентацијата на Белгија требаше да го победи Азербејџан дома за и сигурно да заврши прва на табела што носи подобро место во ждрепката за групи на Евро2024.
Белгијците глатко уште во прво полувреме водеа со 4:0 и сите гола ги постигна Ромелу Лукаку кој така влезе на многу листи со рекорди.
Шпицот на Рома за 20 минути постигна 4 гола и сега има 83 погодоци на 113 настапи за Белгија. Во историјата на квалификации за Европско првенство прв стрелец е Кристијано Роналдо со 128 гола а втор е Ференц Пушкаш со 84. Ромелу Лукаку само во 2023-та година има 15 гола во евро циклус на 9 меча!
На крајот од дуелот Леандро Тросар постигна убав гол за 5:0 а гостите уште од 24’ минута играа со играч помалку по црвениот картон на Еди Исрафилов.
ЈАНЕ АНДЕРСОН СИ ОДИ СО МИЗЕРНИ РЕЗУЛТАТИ
Во оваа група Австрија е втора и сигурно оди на Евро2024 а мизерните квалификации ги завршува Шведска која се раздели со вечниот селектор Јане Андерсон кој после седум години на клупата заминува со очајни резултати (циклусов имаа 4 порази и 12 примени гола) и завршија трети со 10 освоени бода.
Интересно, Азербејџан и Естонија уште имаат шанси преку баражот од Лига Нации да остварат прв историски пласман на Европско првенство.
ШПАНИЈА Е ПОТРЕСЕНА ЗОШТО ГАВИ СЕ ПОВРЕДИ НА ТОТАЛНО НЕБИТЕН МЕЧ
Шкотска и Норвешка одиграа богати реми со 6 гола во меч во кој не играше Ерлинг Холанд кој поради повреда решил да одмори неколку дена. Во 33’ минута резултатот на мечот беше 2:2.
Во исто време Шпанија која е прва во оваа група и која со второпласираната Шкотска оди на Европско, играше со Грузија. На овој тотално неважен меч Шпанците победија 3-1 со головите на Робин Ле Норман (12-ти различен стрелец за Шпанија во квалификацииве), Феран Торес и автоголот на Лука Локошвили. За гостите погоди Квича Кваратцхелија во 10’ минута.
За жал на овој натпревар се повреди најголемиот шпански фудбалски бисер Гави кој доживеал повреда на лигаментите и најверојатно ќе мора на оперативен зафат.
Стрелецот на третиот гол за Шпанија Феран Торес го прослави погодокот со дресот на Гави во знак на поддршка.
Шпанија победи и на 35-от од последните 36 меча во домашните квалификации за Европско првенство. Единствен пораз им е во далечната 2003-та од Грција.
ПОРТУГАЛИЈА 10/10 ЗА ПРВПАТ ВО ИСТОРИЈАТА
Португалците го пречекаа Исланд и победија 2-0 со головите на Бруно Фернандеш во 37’ и Рикардо Орта во 66’ минута.
Ова беше 10-та победа на Португалија на 10 меча во квалификациите и за првпат во историјата ги забележаа сите триумфи во една група. Со импресивна гол разлика 36:2.
Во оваа група очајната Босна и Херцеговина со новиот селектор Саво Милошевиќ ја пречека Словачка и претрпе нов пораз. Словаците славеа 1-2 после пресврт со головите на Роберт Боженик во 52-ра и Љубомир Штка во 71-ва минута. БиХ претходно поведе со 1-0 со автоголот на Патрик Хрошовски а од 63-та минута Босна играше со играч помалку по црвениот картон на Ренато Гојковиќ.
Од оваа група Португалија со 30 бода и Словачка со 22 бода одат на Евро 2024.
ВЕЧЕРВА СЕ РЕШВААТ УШТЕ ТРИ УЧЕСНИЦИ
Во понеделник доцна вечер ќе се дознаат уште три учесници на Европско 2024. Украина - Италија во директен дуел за карта на Еуро ќе играат во Леверкузен пред сигурно најмалку 20.000 украински навивачи. Чешка и Молдавија во меѓусебен дуел ќе одлучуваат кој ќе патува на Европско а Словенија исто со Казахстан ќе решава во Љубљана.
По крајот на овој циклус, ќе има бараж од Лига на Нации следната година во март. Познати се четири сигурни учесници во овој бараж составен од 12 репрезентации: Израел, БиХ, Грузија и Грција.
Ждрепката за групите на Евро2024 ќе се одржи на 2 декември 2023-та година во Хамбург. Тогаш се уште нема да се знаат три учесници од баражите затоа што тие се закажани за 21-26 март 2024.