Човеков на фотографијава горе е Ратко Свилар - храбар голман на репрезентацијата на Југославија на почетокот на ’80-те години, познат лик на навивачите на Војводина и белгиски Антверпен. Ако се сеќавате, голманот на Лацио Марко Балота играше фудбал до 44 години и го запрепасти светот, а Ратко Свилар го чувал голот на Антверпен до 46 години! Просто го обожавале.
Голманот на Југославија на Светското првенство 1982 година, решил да ги закачи копачките на клин дури во 1996-та.
По завршувањето на играчката кариера и по темните облаци кои ги зафатија просторите на поранешна Југославија, Ратко во Белгија отворил сопствен бизнис. Во 1999-та му се раѓа синот Миле, детето за кое никој не претпоставувал дека 18 години подоцна ќе биде на насловните страни на сите спортски весници.
Ако многу деца си играат со колички, камиончиња или кукли, малиот Миле на најрана возраст не се одвојувал од голманските ракавици на татко му кои биле поголеми од него.
Тоа било љубов на прв поглед. Миле Свилар и голманските ракавици.
Уште од мал се видело дека е надарен со одлични спортски гени. Бистар и храбар на татко му, отскочен и жилав на мајка му која играла одбојка. Скаутите уште на негови 6-7 години виделе дека малиот има чувство за простор и храброст да скокне во дуел со габаритни противници.
Пред три години, во 2014-та имал 186 см, денес има 189 а стручњаците за наредните неколку години му предвидуваат извишување и до 198 сантиметри!
Почнал во симпатичниот клуб Вилрајк лоциран во Антверпен. Таму бранел и се обидувал да ги долови парадите на Икер Касиљас, неговиот идол чијшто рекорд во Лигата на шампионите го сруши синоќа во Лисабон.
Во 2014-та, малиот Миле им западнал во око на скаутите на трофејниот Андерлехт кои не чекале некој да им го земе „пред нос“. На неполни 15 години оди во Брисел и почнува да брани за младинските категории на Андерлехт.
И брани толку добро што телефонот на стадионот „Контант Ванден Сток“ непрестано ѕвонел. Челси, Арсенал, Манчестер Јунајтед, Сити, Тотенхем, Ајакс. Имало интерес од Португалија и Шпанија. Но татко му Ратко бил приземјен: „Не, рано е за таков излет, најпаметен избор за сега е Андерлехт. Има прекрасна школа, одлични услови и тренери за развој. Рано му е за најголемите европски клубови“.
И бил во право. Миле кој за неколку месеци се извишил, ги развил голманските способности и веќе на 14-15 години бранел на младински турнири за поголеми деца, од 17 до 19 години (Aegon Future Cup (U-17), PSV Otten Cup (U-19) и Copa del Agatha (U-19))!)
На 15 години станал прв голман на Андерлехт У19 во Лигата на шампионите. Освен тоа во група со Арсенал, Борусија Дортмунд и Галатасарај, Белгиецот со српско потекло бил најзаслужен што Андерлехт бил 1 место во групата - Миле одбранил 6 чисти удари и фатил пенал на мечот со Борусија:
Миле сака да игра и на 30-40 метри од својот гол а-ла Мануел Нојер, најдобриот германски голман во историјата. На споредбите со Тибо Куртоа и Нојер, татко му Ратко скромно вели: „Уште е мал, има време, рано е“.
Но Миле не мислел така и откако ја поминал школата во која се калеле Компани, Ромелу Лукаку, Ван ден Боре, Лукас Биља и други, стигнал до првиот тим на белгискиот шампион Андерлехт. Но таму немало доволно место за него и тој сезоната 2016-2017 ја мина на клупата како трет голман без ниту една минута на теренот. Дошло време за промена на средината каде ќе може повеќе, а имало ли нешто поубаво во тој момент од повик од славната Бенфика, португалскиот гигант од Лисабон?
На крајот од август, само што прославил 18. роденден Миле Свилар потпиша со Бенфика а пред неколку дена ја искористи шансата која му се укажала по повредата на легендарниот Жулио Цезар. Миле бранеше за Бенфика на мечот од Купот против Олхаленсе (1:0) а синоќа го имаше и „огненото крштевање“ во Лигата на шампионите каде стана најмлад голман-рекордер со 18 години и само 52 дена. Го надмина Икер Касиљас.
На дуелот со Јунајтед направи кикс кој Бенфика ја чинеше пораз од 0-1, но големите мајстори на грешките учат, па така и Миле стоеше исправено додека Лукаку, Мата, Мурињо, цел стадион и сите соиграчи го тешеа да продолжи како досега. А дека ќе биде така доказ се и сите фантастични голмани кои излегле од „Луж“ во Лисабон.