Кога Вардар ја совлада Црвена звезда како европски шампион

Вардар и Црвена звезда ќе се сретнат вечерва во Скопје, првпат после 1995-та година во натпревар од хуманитарен карактер. Собраните средства од продадени влезници ќе бидат наменети за семејствата на настраданите од пожарот во Кочани.

Повозрасните навивачи на двата тима веројатно уште го паметат дуелот од 11-ти август 1991. година кога Црвена звезда како европски шампион стигна во Скопје со ѕвездениот состав.

Два и пол месеци претходно црвено-белите го освоија историскиот пехар во Бари наменет за шампионот во Куп на европски шампиони (КЕШ).

А Вардар тогаш штотуку промовиран во првата лига на Југославија направи голема сензација и со 1-0 го совлада големиот ривал. Црвена звезда тогаш од клупата ја водеше новиот тренер Владица Поповиќ кој го замени трофејниот Љупко Петровиќ а на клупата на Вардар седеше Ѓоко Хаџиевски.

Ова беше последно првенство на поранешната заедничка држава СФРЈ во сезоната 1991/1992 пред распадот, а во тој момент веќе од лигата излегоа хрватските и словенечките клубови.

Во првото коло на таа сезона Вардар победи 1:0 со голот на Бобан Бабунски од пенал во 85' минута за големо славје на 15-ина илјади гледачи.

После овој натпревар Вардар и Црвена звезда се среќаваа само во пријателски натпревари затоа што Македонија стекна независност и оформи свое домашно првенство.

Пред пет години, во турското одморалиште Белек, Црвена звезда и Вардар одиграа пријателска средба која заврши 0-0 на 29-ти јануари 2020-та.

Најдоски пред дуелот Вардар - Црвена звезда: „Најважно е да им се помогне на семејствата на настраданите“

Екс играч на Вардар купил 250 карти за дуелот со Црвена Ѕвезда

16 април 2025 - 10:25