Кога Пирло го зел мобилниот на Гатузо и пишал смс на директорот

Насловните страни на голем дел од светските спортски медиуми деновиве се занимаваат со ликот и делото на Андреа Пирло кој пред неколку дена и официјално ја заврши фудбалската кариера.

АНЕГДОТИТЕ СО ГАТУЗО

Во својата автобиографија насловена "Penso quindi gioco" („Мислам значи играм“), Андреа Пирло раскажува многу догодовштини од неговата играчка кариера. Во делот за Гатузо тој пишува:

„Рино не е книжевник, ниту оратор а ни почесен член на академијата за науки и уметности и секој пат кога ќе отвореше уста, соблекувалната се претвораше во бразилски карневал. Урлање, викање, свиркање, непристојни звуци, ѕвонење, тропање. Тоа не беше ниту Миланело, ни Коверчано, туку Маракана, а Рино се правеше ко бајаги зборува на португалски иако ни италијански не знаеше добро.“

Еднаш го нареков глупан, па ме удри. Во знак на одмазда му го земав мобилниот и му пратив смс порака на Браида, нашиот спортски директор. Еднаш тие денови кога Рино (Гатузо) бараше продолжување на договорот со клубот, му помогнав во преговорите. Од неговиот мобилен му пишав на Браида: „Драг Ариедо, ако ми го дадеш тоа што го барам, ќе можеш да ја имаш мојата сестра“.

Кога Рино ја виде пораката збесна: „Оваа глупа шега е на мрднатиот Пирло!“ А јас не можев да се соземам кога на Браида на тоа кажа: „Ах, штета“.

А во репрезентацијата, воочи еден натпревар, Де Роси една вечер го чекаше Рино Гатузо во собата, скриен под неговиот кревет, па сигурно седеше таму половина час. Гатузо се врати, миеше заби, облече тигрести пижами, се спреми за во кревет. Зема книга, почна да гледа некои слики. И кога скоро задрема, Даниеле со рацете го фати за колковите од долу. Пребледе од страв.

А јас за тоа време се криев во плакарот и како љубовник нагло излегов. Рино кога престана да се држи за срце сфати дека го зафркаваме: Прво се пресмета со Даниеле а потоа рамномерно и со мене. 

Исто како кога го прскавме со ПП-апарат за гасење пожар.

Одигравме нерешено со Ирска и се квалификувавме за СП 2010 во Јужна Африка, а последниот меч со Кипар нè очекуваше за четири дена во Парма, дуел кој беше како теретен воз.

Бесмислен, а моравме да се спремиме соодветно за тој натпревар. Во една од вечерите пред натпреварот Липи нè пушти да прошетаме по Фиренца и ние во полн состав отидовме да вечераме - освен Рино, тој остана во базата. Се вративме пивнати, добро пивнати. Седевме во холот, дремевме, не ни се спиеше и мислевме како да утепаме време. Идејата лебдеше во воздух: „Да одиме кај Рино!“.

А он веќе заспан добро. Додека се качувавме по скали Де Роси го извади ПП-апаратот за гасење пожар: „Ќе го прскам Гатузо“.

Даниеле влезе, Рино отвори очи и овој го потроши цел апарат на него, а на крај избега и ме остави мене затворен во собата.  Ме остави мене сам со тој монструм во гаќи и цел во пена. Пцуеше бесен. Беше јасно дека е буден и свесен што се случува. Се обидов да побегнам но сфатив дека таа идеја е осудена на пропаст. Кога трча Гатузо кој сака да те убие, пред или потоа ќе те стигне без оглед колку и да се трудиш. Па и да си гепард или газела.

Де Роси лесно се правеше наудрен во ходникот, беше во безопасност: „Какви се тие чудни звуци? Вакво нешто само во филмови со Бад Спенсер и Теренс Хил...“ А тоа беше Рино кој ми ја покажа цела колекција удари. Каков беше на терен таков беше и надвор од него. Демонстрираше и се врати при себе.

А беше одвратно суеверен. Во 2006 година, на Светското првенство, затоа што добро ни одеше, тој месец дена носеше иста облека. На улица имаше 40 степени а тој одеше како нуркач. И некаде од почеток на четвртфиналето почна да се осеќа потта. Тука не требаше ПП апарат за пожар туку освежувач за воздухот.

Рино секогаш беше моја омилена жртва. Во Миланело за ручек секогаш го мајтапевме ; кога беше збунет со некој глагол а скоро секогаш беше збунет, му укажувавме како да го употреби правиот збор. А кога ќе погодеше прав збор ние го убедувавме дека е во право. И се возбудуваше. Јас, Амброзини, Неста, Инѕаги, Абиати, Одо: таа беше бандата...

- Рино, како си?
- Лошо, вчера изгубивме. Да победевме ќе беше многу најдобро.
- Рино, се побрка. Правилно е - едноставно „подобро“.
- Исто е, што.
- Не баш, Рино.
- Добро, ако победевме ќе беше подобро.
- Рино, ништо не знаеш! “Многу најдобар“ е правилно.
- Па така кажав де.
- Што Рино?
- Па за утакмицата.
- Која утакмица Рино? Повтори уште еднаш те молам.

Очите му стануваа крвави, тоа беше очигледно и не можеше да сокрие. Почнавме да ги креваме ножевите и вилушките по ручекот, а Гатузо грабна една вилушка и тргна да нè боде. Се случуваше да ја фати жртвата, да ја боде во телото затоа што кожата беше мека како туна паштета.

Се случуваше некој од нас да пропушти меч поради повреда од вилушка иако официјално во јавните изјави од прес-службите викаа дека се работи за „мускулен замор, претеран напор“. Кога Рино почнуваше да беснее, сите бегавме. А кога ќе се смиреше, го забарикадирувавме околу каучот и го држевме сите врзан:
- „Пуштете ме, тренингот ќе почне!
- Смири се, глупан...

Но дури и во гнев беше добар човек...

(Извадок од автобиографијата на Андреа Пирло "Penso quindi gioco")