Remember the name

Кое е новото дете на Арсенал кое Венгер го открил на 11 години и даде гол на дебито

Непресушниот извор на таленти кој го остави Арсен Венгер, даде уште еден нов бисер кој во скоро време би можел да биде права ѕвезда. Има само 18 години а веќе го споредуваат со Џеки Грилиш и Фил Фоден.

Арсенал многу убедливо со 5-1 го победи Сандерленд и се пласираше во англискиот Лига Куп. Еди Енкетија постигна хет-трик со прекрасни голови, Никола Пепе имаше две маестрални асистенции, а круна на вечерта беше дебитантскиот гол на малиот Чарли Патино.

Стадионот „Емирати“ речиси преполн, стана и со овации го пречека новото дете во прв тим, Чарли Патино кога овој влезе од клупата како резерва во 80’ минута наместо уште едно дете од школата на клубот, бројот 10 во прв тим Емил Смит Роу.

Роден два месеци по стартот на неверојатната сезона 2003/2004 кога генерацијата непобедливи на Арсенал ја освои титулата без пораз.

Само што влезе во игра, во 91’ минута Чарли Патино, репрезентативец на Англија У-19 постигна убав гол на асистенција на Никола Пепе.

„Чарли е дете што доаѓа од нашиот систем, прекрасно дете. Тренира со нас речиси секоја недела. Ова беше како сон. Деби да имаш, да дадеш гол пред нашите навивачи, навистина посебен момент“, изјавил тренерот на Арсенал Микел Артета.

Интересно Чарли Патино го споредуваат со детето на Манчестер Сити Фил Фоден кој многу брзо стана еден од водечките играчи на шампионот. Навивачите во Англија го опишуваат Патино како „подобар од Џек Вилшер“.

Неговиот потенцијал прв го воочил легендарниот Арсен Венгер уште во 2015-та. Арсенал на барање на францускиот тренер му платил на нисколигашот Лутон Таун 10.000 фунти за 11-годишниот Чарли Патино кој тогаш бил во тефтерите на скаутите на Манчестер Сити, Челси и Тотенхем. Сити дури и бил најзагреан, но Патино решил да оди во школата на Арсенал зошто му била близу неговиот дом во населбата Сент Албанс.

Уште кога дошол на првите тренинзи тој покажувал маестрална техника и кажал дека идол му е Андрес Иниеста од Барселона. Скоро секогаш играл за една повозрасна категорија во школата на „топџиите“. Капитен бил и на Англија У-16 кога имал само 14 години. Интересно на таа возраст веќе станал и дел од тимот на Арсенал У-18 и играл во дербито со Челси пред да го прекомандуваат во целост меѓу поголемите деца.

Минатата сезона одиграл четири меча за У-23 во Премиер лига 2 и дал гол против Челси У-23 во февруари годинава. После пауза поради повреда, се вратил на терен и постигнал фантастичен соло-продор гол за У-23 против Манчестер Јунајтед У-23.

Му западнал во око на тренерот Микел Артета кој уште од минатата сезона го викал да тренира со прв тим. Патино во октомви годинава потпишал прв професионален договор со Арсенал за што треба да му биде благодарен на шпанскиот тренер.

„Прекрасно е што го потпишав мојот прв професионален договор со Арсенал. Благодарност до сите кои помогнаа и веруваа во мене. Напорната работа продолжува и мојот сон е еден ден да дебитирам за Арсенал“.

Не само што дебитираше, туку и на 21 декември постигна убав гол во Карабао Лига Купот против Сандерленд за конечни 5-1. Навивачите биле пресреќни што новото дете од клупската школа постигна гол на дебито и очекуваат многу нови добри партии од него.

После мечот Артета изјави уште и:

„Навивачите слушнаа за него и знаеа што може да стане. Сега треба „да го готвиме“ полека. Денес беше добар старт. Има уште многу работа пред него. Млад е и треба да оди чекор по чекор. Денес имаше среќа, доби шанса и одлично ја искористи“.

Прочитајте уште и за хет-трикот на младиот Енкетија:

Детето на Арсенал даде чудесен гол

22 декември 2021 - 10:35