Кое е 17-годишното дете на Барселона кое го скроти ѕверот Осимен

Светската фудбалска јавност беше збунета кога при претставување на составите пред мечот Барселона - Наполи во центарот на одбраната на домашните се појави името Пау Кубарси. Многумина помислиле и дека е некоја грешка од режија.

Барселона синоќа во реваншот од Лига на шампиони против Наполи конечно заличи на славната Барса од најуспешните години. Летаа по теренот домашните фудбалери и заслужено славеа 3-1 против италијанскиот шампион.

За играч на мечот беше прогласен верувале или не, 17-годишниот Пау Кубарси кој дебитираше во еврокуп за Барселона. Сосема заслужено.

Кубарси на 22. јануари годинава наполнил 17 години и речиси од школска клупа во Ла Масија добива шанса во првиот тим на Барселона и тоа на најважниот меч во сезоната, реваншот против Наполи.

Кубарси уште од април 2023-та тренирал со првиот тим, а тренерот Чави му дал животна шанса да дебитира на 19-ти јануари 2024-та кога влегол од клупата за резерви во 46-та минута од мечот во Кралскиот Куп против Унионистас де Саламанка. Во Ла Лига дебитираше за Барса на 23-ти јануари само ден по својот 17-ти роденден и тоа против Бетис.

Каталонците после 17 минути фудбал веќе водеа со 2-0 со головите на Фермин Лопез и Жоао Кансело, Наполи набрзо намали на 2-1 пред крајот на првиот дел а Роберт Левандовски во финишот на мечот во 83-та минута постигна гол за конечни 3-1. Но сето ова падна во сенка на сензационалниот настап на голобрадото момче од одбраната на Барселона.

Пау Кубарси го скроти ѕверот Виктор Осимен, Нигериецот кој лани разулавено даваше голови и му донесе скудето на Наполи чекано 33 години. Скоро никој никогаш не го чувал така снажниот центарфор.

Кубарси беше студен како мраз во секој дуел на своето европско деби на кое влезе во историјата како прв дебитант на Барса кој комплетирал над 50 точни додавања (61/68), имал 100% успешност во добиени лизгачки стартови (3/3) и имал повеќе од 5 исфрлања на топка од своето поле.

Тренерот Чави после мечот за младиот стопер рекол: „Кубарси е многу скромно момче, спокоен, приземјен. Има неверојатна иднина, ние веројатно гледаме стопер кој ќе игра на највисоко ниво во тек на уште многу долги години. Мене пулсот не ми скока кога топката е кај Кубарси. Тоа е најдобар комплимент за него. Тој не се нервира, неговите додавања се ефективни. Користи пауза за да најде варијанти за асистенции во напад“.

За неговата сјајна партија говорат и неговите соиграчи. „Кубарси беше најдобар играч на терен. Тој никогаш не престанува да не воодушевува. Осминафинале на Лига на шампиони а он така да одигра. Такви фудбалери ретко се појавуваат. Тој е вреден и дојден е од Ла Масија. Кубаси е играч кој треба да остане во Барселона до крајот на својот живот“, вели капитенот на екипата Серџи Роберто.

Со 17 години и 50 дена стоперот Кубарси стана најмладиот дебитант во нокаут фаза на Лига на шампиони. Тој го урнал досегашниот рекорд на Давид Алаба кој дебитирал за Баерн Минхен во оваа фаза на ЛШ на 17 години и 258 дена.

13 март 2024 - 11:04