Инвестициите на Шеиците од Катар и Дубаи во европскиот фудбал постојано ги поместуваат границите во однос на трошењето пари за трансфери како и за плати на фудбалските ѕвезди. По Манчестер Сити се поактуелен е тимот на ПСЖ кој пазари колку му душа сака.
Но освен навивачите на тимот од Париз кои се радуваат на нивниот нов и силен тим кој лани ја врати шампионската титула, голем ќар од нивното засилување имаат италијанските клубови кои заработуваат, а потоа со истите пари си ги градат тимовите.
Благодарение на Шеикот Тамим Бин Хамад Ал Тани кој го превзеде Парис Сент Жермен во 2011 година, италијанските екипи од него заработија 170 милиони евра од продажбата на играчи.
Минатото лето голема финансиска дупка покри тимот на Милан кој за сума од 62 милиони евра во му ги продаде на ПСЖ Златан Ибрахимовиќ и Тијаго Силва. Тоа беше шок за навивачите кои протестираа поради продажбата на најдобрите двајца играчи, но Адријано Галијани призна дека понудата не можеле да ја одбијат поради економски проблеми.
Тоа значеше драстично ослабување на составот на Алегри кој по првиот дел од новата сезона имаше катастрофален пласман во долниот дел од табелата. Но во јануарскиот преоден рок за сума од 20 милиони евра на помош дојде Марио Балотели од Манчестер Сити, а „Росоњерите" успеаа да го освојат третото место во Серија А.
Голема корист во истиот преоден рок од ПСЖ имаше и Наполи кој за 22 милиони евра го продаде аргентинскиот напаѓач Лавеци. Претседателот Де Лаурентис од нив потроши околу 18 милиони и изгради силен состав кој му беше единствен конкурент на Јувентус за титулата.
Наполи го откупи целосно нашиот репрезентативец Горан Пандев од Интер, а од останатите засилувања го освежи средниот ред со Валон Бехрами. Резултатите на Валтер Мацари беа одлични со освојување на втората позиција и директен пласман во Лигата на шампионите.
Третиот клуб кој триеше раце од шопингот на нафтените моќници во Италија е Палермо кој пред две години заработи фантастични 46 милиони евра од продажбата на голманот Салваторе Сиригу и Хавиер Пасторе кој беше клучен играч во играта на сицилијанскиот тим.
За претседателот Маурицио Ѕампарини тоа беше одлична зделка за да заработи, а потоа купуваше многу поевтини играчи од Серија А како на пример Вивјано од Интер, Барето од Аталанта и Силвестре од Катанија.
Сите овие тројца играчи заедно чинеа само 5 милиони евра, но таквото пазарење контроверзниот Ѕампарани кој е познат по честото менување тренери го плати со испаѓање во втората лига.
Слично постапи и Пескара која го имаше младиот талент Марко Верати, еден од најзаслужните за нивниот пласман во Серија А минатата сезона. Во касата стави 10 милиони евра од неговата продажба, но не најде адекватна замена и експресно брзо се враќа во втора лига.
Последниот и најсвеж профит за италијанските екипи е повторно касата на Наполи кој ќе инкасира високи 63 милиони евра од продажбата на најдобриот стрелец за минатата сезона во Серија А, Единсон Кавани кој денеска ќе биде промовиран во ПСЖ.
Де Лаурентис не седеше со скрстени раце и до сега ги ангажираше напаѓачот на Реал Мадрид, Хозе Марија Калехон, како и крилото Дриес Мартенс од ПСВ.
Но актуелниот шампион на Франција очигледно нема намера да застане со купување играчи на чизмата, па така на вчерашната насловна страница на Кориере дело Спорт како бомба одекна информацијата дека ПСЖ испратил понуда до Рома од 35 милиони евра за левиот бек Маркињос.
Доколку 19 годишниот Бразилец се пресели во Париз тоа би значело дека за 10 фудбалери од Серија А Шеиците ќе потрошат вкупно 205 милиони евра што е одличен профит за нивните каси.