Кладилниците “го селат“ Ибра во куќата на Марадона

По продажбата на Кавани во ПСЖ во медиумите се вртат неколку имиња за негов наследник во нападот на Наполи кој би му бил партнер на Горан Пандев. Еден од нив е и Златан Ибрахимовиќ за кој во кладилниците може да се кладите која зона ќе ја избере како живеалиште во Неапол.

Претседателот на Наполи, Аурелио Де Лаурентис по продажбата на Единсон Кавани кој потпиша за ПСЖ за сума од 64 милиони евра изјави дека клубот покрај тие пари има обезбедено и дополнителни 60 милиони евра за засилувања или вкупно 124 милиони евра.

Наполитанците се засилија со Калехон и Албиол од Реал Мадрид, но тие најавија дека тука нема да застанат и дека ќе градат силен тим кој ќе се бори за Скудетото но новата сезона. Додека медиумите пишуваат за Игуаин кој можно е да биде и трето засилување од Кралскиот тим, во кладилниците се појави несекојдневна понуда за типување.

По информацијата дека еден од можните напаѓачи кој би го засилил Наполи е Златан Ибрахимовиќ, според весникот Кориере дело Спорт во Велика Британија веќе постои можност да се кладите за тоа кое ќе биде идното место за живеење кое ќе го одбере шведскиот напаѓач.

Најмалиот коефициент за изборот на Ибра е 2.20 и тоа куќата на Марадона во областа Позилипо каде живеел додека настапувал за Наполи. Потоа 2.40 е коефициентот кој се нуди за улицата Петрарка каде живеат половина од фудбалерите на тимот.

Следната опција за типување се местата Поцуоли и Арко Феличе за кои коефициентот е 4. За островот Капри кој е малку подалеку од Неапол се нуди коефициент 8, а најмали шанси му даваат дека ќе живее во огромен дворец како во Париз, а за тоа се нуди коефициент 26.

Со оглед на огромната сума на пари која ја има на располагање, Де Лаурентис во Наполи се очекува да донесе звучно име во нападот, но оваа опција за типување изгледа дека е пребрзо понудена со оглед на тоа што овој транфер за сега е само шпекулација во медиумите.

22 јули 2013 - 22:49