
Како и многу пати досега, Баерн уште од старт ја олади Борусија Дортмунд. Со два гола во првите 10 минути исчезна целата интрига од најголемото германско дерби.
Баерн поведе уште во 4' минута кога после првиот корнер на мечот стоперот на Баерн Дајо Упамекано стрелаше со глава за водство 0-1.
Следните три гола беа дело на Хари Кејн, англискиот репрезентативец кој покажа дека Бундеслига му е надрасната лига. Нов хет-трик за неверојатниот Кејн кој го запечати конечниот резултат 0-4.
Борусија Дортмунд вториот гол го прими веќе во 9' минута и од тогаш па натаму ретко успеваше да ја напушти својата половина зошто играше колку што Баерн му дозволи.
Доказ за тоа е што првиот удар на „црно-жолтите“ кои имаа околу 80.000 навивачи на своја страна, беше забележан во 56' минута преку Марко Ројс. Еден и единствен шут кон противничкиот гол.
ЗАНИМЛИВОСТИ:
- Баерн Минхен победи на 12 од последните 15 дерби дуели со Борусија Дортмунд. Последен пат Борусија славеше пред пет години, во ноември 2018-та година во Суперкупот на Германија.
- Дортмунд од тогаш наваму има 8 порази по ред. Минатата сезона еднаш само Борусија успеа да извади 2:2 и колку толку да ја прекине победничката серија на Баерн.
- „Милионерите“ првпат од август 2022-ра губат на домашен терен во Бундеслига. Тогаш ги совлада Вердер Бремен 2:3 со неверојатен пресврт.
- Хари Кејн продолжува да поставува нови рекорди во Бундеслига. Англичанецот има 15 гола на првите 10 меча во германската лига. Го урна рекордот на центарфорот Клаус Матишак кој во сезоната 1963/1964 постигнал 13 гола за Шалке.
- Ова е веќе трет хет-трик на Кејн сезонава. Освен на Дортмунд, по три гола им даваше и на Дармштад (8:0) и на Бохум (7:0).
Хари е најдобар стрелец во Бундеслига. Конечно го надмина чудесниот Сиру Гираси од Штутгарт кој сензационално постигна 14 гола на 8 меча и веќе ја заинтересира пола Европа за него.