
КАНАДА НАЈГОЛЕМО ИЗНЕНАДУВАЊЕ
Од 22 ноември до 18 декември 2022 во Катар ќе се игра Светско првенство, најголемиот спортски настан на светот. Покрај земјата домаќин која автоматски обезбеди пласман, во моментов 20 репрезентации обезбедија виза за учество на Мундијалот.
Репрезентацијата на Канада е последна во редот која обезбеди пласман а квалификациите веќе се ближат до крајот. На 1. април ќе се влече ждрепка за групите на Светско првенство 2022.
Најголемо изненадување за сега е Канада, земја на хокејот која во последните неколку години даде многу големи фудбалски таленти.
За четири години Канаѓаните се искачија од 94-то на високо 33-то место на ФИФА ранг листата (подобро котираат од Русија, Турција, Египет, Камерун).
Ѕвезди на репрезентацијата на Канада се универзалниот бек Алфонсо Дејвис кој стана главен играч во Баерн Минхен но сега долго време паузира поради здравствени проблеми и центарфорот Џонатан Давид, фудбалер кој високо стои на списокот најперспективни играчи.
Најзаслужен за ваквата трансформација е англискиот тренер Џон Хердман кој претходно работел со женските репрезентации на Канада и Нов Зеланд, а од 2018-та стана селектор на машката селекција на Канада.
И им го донесе најголемиот резултат во последните 36 години. Канада се пласираше на прво Светско првенство уште од 1986-та!
ФУДБАЛОТ ВО КАНАДА БИЛ ОСТАТОК ОД СОКЕРОТ ВО САД
Верувале или не, Канада е една од првите земји која почнала да игра фудбал, секако, поради тесната поврзаност со Британија. Првите натпревари во Торонто се играле уште на средината на XIX век.
Како и во повеќето британски колонии или доминиони, во Канада фудбалот исто имал статус на главен спорт. На Нов Зеланд се играло и ден-денес најмногу се игра рагби, во Австрлија смислиле австралиски фудбал а во САД - американски.
Во Канада се играл и канадски фудбал (сличен на американски фудбал), а го приспособиле и хокејот на трева со климатските услови.
До 1958-ма година Канада не ни играла во квалификации за Светско првенство и не учествувала дури ниту на најголемите турнири во Северна Америка. Единствен успех врзан со некаков турнир им бил во 1904-та година кога освоиле злато на Олимписките Игри во Сент Луис.
Канаѓаните (нив ги претставуал клубот Галт од Кембриџ, Онтарио) ги победиле екипите на колеџот Христијански Браќа и колеџот Сент Роуз Париш. Канада освоила злато, а Американците сребро и бронза. Други екипи немало.
Ситуацијата се сменила драстично многу во ’60-те години, со појавата на НАСЛ, најголемо фудбалско влијание од Северна Америка, американска лига во која дошле да играат Пеле, Кројф, Бекенбауер, Герд Милер и други ѕвезди.
Ист бран се случил и во Канада каде дошле да играат Еузебио, Руд Крул, Роберто Бетега, во екипи од Торонто, Монтреал и Ванкувер. Но турнирот во САД се испоставил за нестабилен и несериозен.
Шефовите на НАСЛ (North America Soccer League) биле во постојан конфликт со ФИФА поради правилата, бројот на учесници се менувал од 5 до 24 клуба, клубови биле згаснувани после две години постоење, а по крајот на сезоната 1984-та лигата банкротирала и згаснала.
Така фудбалот во Канада скоро и да бил уништен. Но од остатоците од американската НАСЛ, Канаѓаните стигнале до најголемиот успех во историјата!
ПРВ И ЕДИНСТВЕН ПЛАСМАН НА СВЕТСКО ПРВЕНСТВО ИМ БИЛ ВО 1986-ТА КОГА НАПРАВИЛЕ ИТРИНА
Обично репрезентацијата на Канада просто никогаш не поминала прва фаза во квалификации за Светско. Фудбалски биле на ниво на какво што во Европа се Андора, Малта, Сан Марино.
Во тоа време, во ’70-те и ’80-те години на Светско првенство одела само една репрезентација од Северна Америка и тоа најчесто бил Мексико.
Но системот го смениле. Квалификациите за Светско биле обединети со КОНКАКАФ првенството во кое сите селекции играле една против друга во кружен систем но во една земја домаќин. Така се испоставило три пати турнирот да го освои домаќинот: Хаити, Мексико и Хондурас.
Потоа го смениле системот и ги вратиле класичните квалификации, а Канаѓаните за првпат се нашле во група без САД и Мексико.
Патот им бил отворен. Се сретнале со Хаити и Гватемала. Канаѓаните составиле тим од мал фудбал па дури 18 играчи од 22 играле во сала. По распадот на северно-американската фудбалска лига НАСЛ во 1985-та најдобрите канадски фудбалери немале работа зошто првенство на Канада уште не било создадено (тоа се случило во 1987-ма), па сите се разбегале по клубови за мал фудбал во САД и Канада.
После три кола во финалната фаза против Костарика и Хондурас, Канада била прва. Им останало уште да не изгубат дома од Хондурас, една од најдобрите екипи на континентот (на претходното Светско 1982-ра им ги истенчиле нервите на Шпанија и Северна Ирска во група).
Канадските фудбалски чиновцници тогаш сфатиле дека дошло време да направат некоја итроштина, па го префрлиле мечот во Њуфаундленд, остров на северо-истокот од Канада каде им платиле на домаќините 250.000 долари за организација.
Платиле толку пари на локалните власти во Њуфаундленд, за да овие го организираат решавачкиот меч со Хондурас за пласман на Светско првенство.
А не случајно го избрале ова место затоа што во септември времето во реонот Сент Џонс е многу влажно поради близината на океанот а студено до 10 степени Целзиусови. Нормална температура за Русија и Канада, но не и за Хондурас каде тоа е апсолутен минимум во најстудениот месец кај нив. Во Хондурас температурите се претежно високи и летни.
„Противниците се тресеа во Њуфаунленд. Помислив тогаш: „Дечки, вие си го добивате тоа што го заслужувате“, рекол тогашниот голман на Канаѓаните Тино Летиери.
Пред мечот теренот бил потопен од дожд но тоа не им засметало на Канаѓаните. Тие тренирале со долги ракави и шушкавци за дожд. За тоа време Хондурас се спремал во спортската сала на локалната фудбалска школа.
Против Хондурас не биле само временските услови но и необичната атмосфера. Стадионот крал Џорџ V бил најстариот во цела Канада. Во 1985-та пред мечот личел на парк со импровизирани трибини. Но на многу живописно место: во близина на огромно езеро, две гробишта и затвор.
Мали финти и итрина им донеле предност на Канаѓаните кои фудбалски биле послаби од Хондурас. Во текот на мечот се бореле, играле грубо и на крај победиле 2:1. Двата гола ги дале после корнер.
На крај победа, триумф и голема прослава за првиот историски пласман на Светско првенство 1986 во Мексико.
Но на Мундијалот Канаѓаните доживеале фијаско: 0 бодови и 0 голови во групна фаза против Франција, Унгарија и СССР.
ЗОШТО ФУДБАЛОТ ВО КАНАДА УШТЕ НЕ Е РАЗВИЕН? ПРОФЕСИОНАЛНА ЛИГА НЕМАЛЕ ДО 2019-ТА, ТАЛЕНТИТЕ БЕГАЛЕ НАДВОР
Канадската лига била составена од 8 екипи (на врвот на постоењето имале 11 клуба). Лигата се појавила неколку години после првото историско Светско првенство.
Но најдобрите играчи оделе во американската лига, а останатите се обединиле со полупрофесионалната Канадска национална фудбалска лига каде истовремено ирале Торонто Италија, Торонто Хрватска, Рома Сент Катаринс и Монтреал Хрватска. Главни ѕвезди биле Раул и Уго Марадона, помладите браќа на Диего.
Младите таленти оделе да играат во Шведска, Норвешка, Шкотска, во пониските лиги на Англија. Најдобрите не само што бегале во други првенства туку и менувале репрезентација.
Од последните најпознати играчи родени или пораснати во Канада за други репрезентации се одлучиле: Фикајо Томори (Англија), Јасин Буну (Мароко), Џонатан Де Гузман (Холандија), Асмир Беговиќ (роден во Југославија но од 10 до 17 години живеел во Едмонтон, во Канада и играл за младинската репрезентација на оваа земја, а подоцна бранеше за БиХ), Даниел Фернандеш (Португалиј), Овен Харгрејвс (Англија), Марк Чанг (САД).
„Многу долго играм за Канада и не сакам да менувам фудбалско државјанство, но ме буни неодлучноста за иднината на канадскиот фудбал. Ако се се систематизира, јас ќе бидам среќен да останам со Канада. Немам голема желба да играм за Босна. Ова не е закана ниту ултиматум, просто сакам да видам што ќе се случува“, изјавил Беговиќ.
Два месеци после тоа интервју Асмир седел на клупата за резерви на мечот Ерменија - Босна и Херцеговина.
Од 2000-та до 2020-та Канаѓаните не се пласирале ни во главна фаза од квалификации: едвај победувале со Белизе, со Свети Винсент и Гренадините, а немале што да бараат со Хондурас, Јамајка, Панама и Костарика.
Затоа во Канада се смееле кога за селектор бил поставен Англичанецот Џон Хердман во февруари 2019-та година. Тој кажал дека репрезентацијата мора да оди на Светско првенство во Катар. Сите го гледале во чудо.
John Herdman becomes the first manager to lead both women's and men's national teams to World Cup qualification 👏 pic.twitter.com/Rz4CE9FAFW
— DAZN Canada (@DAZN_CA) March 27, 2022