Да се избере претседател на Барселона не е само прашање на триплета. Се бира како државник на Каталонија. Да се кандидираш за прв човек на спортското друштво Барселона треба да собереш потписи, да правиш изборна кампања меѓу народот, да одиш низ пазарите, да организираш вечери. Како прави политички избори, каде има излезна влада и опозиција.
Во саботата е избран новиот претседател на Барселона. Жозеп Марија Бартомеу со 54,63% од гласовите (25.823 гласа) го победи поранешниот број еден на клубот, Жоан Лапорта кој освои 33,03%. Останатите кандидати поминаа незабележано, 7,16% од гласовите освои Аугусти Бенедито а Тони Фреиша собра 3,70%.
За Бартомеу ова е своевидна потврда на лидерството, затоа што беше заменик претседател од 2010. година, во јануари 2014 стана претседател по оставката на Росел и на 9-ти јуни распиша избори за во саботата. Неговата победа значи и сигурен трансфер на Арда Туран, но и повлекување од идејата за Пол Погба од Јувентус.
Освен кандидатите, во саботата било интересно и да се види Камп Ноу со гласачи (социоси). За да се добие право на глас и да се учествува во работата на клубот, потребна е годишна членарина од 177 евра. Од друга страна во сумата имате и попусти на производите од фан клубот, како и попусти за картите. Барса има социоси низ целиот свет.