Каков беше Наполи со Валтер Мацари, старо-новиот тренер

Прва победа на Наполи против Јувентус во Торино после цели 20 години, прв пехар после 22 години, враќање во Лига на шампиони, пројдена група со Баерн Минхен, Сити и Виљареал и за малку чудо против силниот Челси. После десет години Мацари изгледа се враќа во Неапол.

Откако стана кристално јасно дека Наполи под Руди Гарсија игра слабо и дека Французинот ќе добие отказ, првиот човек на клубот Аурелио Де Лаурентис имал состаноци со двајца потенцијални кандидати: Игор Тудор и Валтер Мацари.

Првиот наводно не прифатил договор до крајот од сезоната и сакал долгорочен проект, а Мацари прифатил да го води тимот до мај/јуни 2024-та.

Според ова, тренерот би се вратил на клупата после 10 години.

Харизматичниот Мацари го водеше Наполи четири години во кои успеа да го однесе тимот во Лига на шампиони која што долго време недостасуваше во градот под Везув, уште од времето кога се викаше Куп на шампиони.

На 6-ти октомври 2009-та Италијанецот го презеде тимот наместо Роберто Донадони. Мацари дојде во Неапол по чудата кои ги правел со Реџина и Сампдорија.

Валтер му ја донесе и на Наполи првата победа против Јувентус среде Торино после цели 20 години! И тоа на каков начин: Јувентус водеше 2-0 но со головите на Хамшик (2) и Датоло, Наполи победи 2-3. Претходно не триумфирале таму уште од 20 ноември 1988-ма кога играл Марадона а Карека постигнал хет-трик.

Од долниот дел на табелата, Наполи под Мацари доживеа права ренесанса и се воздигна до светски сериозен клуб кој денес задолжително игра во Лига на шампиони и се бори за скудето.

Паралелно со струката на Мацари надоаѓаше и зрелоста на Марек Хамшик кој стана статусен симбол на Наполи. Имаа серија од 8 победи и 7 нерешени средби без пораз. Најдобра серија уште од 1989/1990. На крајот од првата сезона со Валтер, наполитанците завршија шести и обезбедија еврокуп.

ТРОЈЦАТА ТЕНОРИ

Валтер Мацари го состави фантастичното трио: Хамшик-Лавеци-Кавани. На Словакот му се придружија „Почо“ и „Матадор“. Уругваецот дојде од Палермо каде блескаше и веднаш покажа дека е еден од најдобрите центарфори на светот.

Медиумите ги заврикаа тројцата тенори.

Наполи играше се подобро и подобро. Го совладаа и силниот Јувентус 3-0 дома со три гола н Кавани. 

На 15 мај 2011-та година Наполи за првпат после долги години обезбеди место во Лига на шампиони и тоа со ремито 1:1 со Интер во Серија А. После 21 година се вратија во елитата.

А во Лига на шампиони Наполи играше прекрасно и во група со Баерн, Манчестер Сити (таа сезона за првпат после 44 години ја освоија шампионската титула во Премиер лига) и Виљареал. И Наполи успеа да помине понатаму.

Во осминафинале им се падна тогаш силниот и моќен Челси. На 21 февруари 2012 на „Сан Паоло“ Наполи победи 3-1 со головите на Лавеци (2) и Кавани. На реваншот Челси беше со нов тренер (Ди Матео го замени Виљаш-Боаш). Интересно сините со Италијанецот излегоа брзо од кризата и со головите на Дрогба, Лампард, Тери и Ивановиќ во продолженија отидоа во четврфинале.

Таму заврши и сонот на Наполи наречен европска круна. 

Во витрините на музејот на „Сан Паоло“, Наполи го донесе и пехарот од Купот на Италија откако со 2-0 го победи Јувентус на 20 мај 2012-та со головите на Кавани и Хамшик.

Ова беше воопшто прв пехар за Наполитанците после цели 22 години! Уште од времето на Марадона немаа трофеј. А ова беше и прв пехар во кариерата на тренерот Валтер Мацари.

Сезоната 2012/2013 беше последна на Мацари во Наполи. Суперкупот на Италија игран во Пекинг го освои Јувентус кој конечно го совлада омразениот ривал.

Лавеци замина во богатиот ПСЖ, Кавани уште некое време даваше голови (постигна 4 на еден меч против Днипро) а Мацари на крајот од таа сезона ја донесе екипата на второ место (далеку од силниот Јуве на Конте).

Ова беше втор директен пласман во Лига на шампиони за Наполи. Кавани со 29 гола (38 вкупно) беше најдобар стрелец во Серија А, нешто што не се случило уште од времето на Диего.

Интересно, Горан Пандев беше дел од успесите на Наполи со Мацари а Гоче беше и во тимот на последниот меч кој Валтер го водеше како тренер на екипата.

Откако замина од Наполи, Мацари стана тренер на Сампдорија која заврши 6-та на табела, па отиде во Интер каде се задржа кратко. Подоцна го водеше и англиски Вотфорд кого го спаси од испаѓање од Премиер лига, беше тренер уште и на Торино (јануари 2018-февруари 2020) и Каљари (2021/2022).

14 ноември 2023 - 15:22