Како тренерот на Тотенхем почнал со Фудбал Менаџер

Како и секој страствен вљубеник во видео играта Фудбал Менаџер (на времето Чемпионшип Менаџер), така и актуелниот тренер на Тотенхем Хотспур, австралискиот Грк Ангелос Енџ Постекоглу вели дека уживал додека ја играл игрицата и многу научил од неа.

„Како и сите почетоци (на видео играта Фудбал Менаџер) така и моите беа многу скромни. Чудесно е што се можеш да направиш во реалниот живот а уште почудесно е што можеш да направиш на Фудбал Менаџер од каде се почна за мене.

За најдрагиот момент од игрицата вели дека му е:

„Саутенд Јунајтед! Видов Саут во називот на клубот и веднаш го одбрав поради блискост со името Саут Мелбурн, матичниот и роден клуб на Постекоглу.

Со Саутенд ги поминав сите патишта од најниска лига до Лига на шампиони. Тоа беше мој највеличествен момент на играта. Најжално од се е што ме отпуштија после 6 месеци откако се пласирав во Лига на шампиони, кога очекував да ми изградат сопствена статуа. Секако, водев и поголеми клубови на играта но успесите со малите клубови даваат многу поголема емоција“, вели Енџ, предводникот на Тотенхем кој дури три месеци по ред ја доби наградата за најдобар тренер во Премиер лига.

Спарс се препородија со него. Тој претходно со успех го водеше и шкотски Селтик и репрезентацијата на Австралија.

А што се однесува до Саутенд, тоа е класичен просечен мал нисколигаш од Англија. Постојано е во најниските лиги а редовно се сели меѓу Лига 1 и Лига 2.

Поради финансиски тешкотии за време на глобалната пандемија овој клуб испаднал прво во Лига 2 (таму ги водел замислете Сол Кемпбел) а следната година испаднале и во Национална лига (петта аматерска дивизија во Англија).

7 декември 2023 - 14:22